Сириските Курди до попладне треба да се повлечат од границата со Турција


Попладнево истекува рокот од 150 часа, што им беше даден на сириските курдски Сили за заштита на народот (СЗН), за нивно повлекување од реонот во северна Сирија, долж границата со Турција, јави турската телевизија НТВ.

Согласно меморандумот, договорен на 22 октомври 2019 година во Сочи, за време на преговорите за Сирија меѓу претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган, курдските милиции треба целосно да се повлечат од градовите Тел Рифат и Манбиџ, западно од реката Еуфрат, а источно од реката Еуфрат да го ослободат појасот што е 30 километри од турската граница, пренесе БТА.

Турскиот шеф на дипломатијата Мевлут Чавушоглу вчера изјави дека Силите за заштита на народот (СЗН) не се целосно повлечени од овој регион во Сирија, што е неопходно да го напуштат согласно спогодбата со Русија.

-Доколку курдските формации на СЗН не се повлечат од тампон зоната ние ќе ги исчистиме од овие територии. Во Турција ќе пристигне руска делегација за да се разгледаат чекорите кои треба да се преземат во рамки на планираното заедничко патролирање во североисточна Сирија, подвлече турскиот министер.