Синот на Жан Митрев подготвувал терористички напад во Германија


Во судот во Франкфурт почна судењето на исламистот Филан Митрев, син на кардиохирургот Жан Митрев, обвинет за подготвување терористички напад, објави „Франкфуртер Рундшау“. Според германскиот весник, на почетокот на судењето, Филан кажал за себе дека бил наивен.

Неговите потенцијални соучесници подоцна беа ослободени поради недостаток на докази, но Филан беше обвинет и се соочува со долгогодишна затворска казна. „Салафистот“, како што го нарекува Франкфуртер Рундшау, за таа цел набавил хидроген пероксид, ацетон, батерии и сулфурна киселина како и електронски делови за бомба. Нападот не успеал затоа што Филан  се пофалил на социјалните мрежи пред да ја спроведе својата цел. Единственото во што успеал Филан  е да натепа некој недолжен човек на улиците на Офенбах, како и друг затвореник во затворот каде бил притворен.

Филан Митрев беше уапсен во ноември минатата година, откако полицијата открила дека подготвува самоубиствен бомбашки напад во паб во Захсенхаузен. Тој купил хемикалии од кои може да се направи бомба, како и батерија и потребната електроника. Нападот не му успеал, бидејќи полицијата ги открила неговите најави за нападот на социјалните мрежи. Исто така, тој се обидел, но не успеал да купи оружје и муниција на интернет, бидејќи ги префрлил биткоините на измамник.

Германскиот весник пишува дека неговиот татко, сопственик на клиника во Македонија, му плаќал приватно школување, но тој успеал само да стане криминалец и да заврши две и пол години во затвор за кражба во 2016 година. Во затворот во Франкфурт Филан се дружел со затвореници кои ја поддржувале терористичката организација Исламска држава и таму се радикализирал.

На денешното судење, судијата го прашал зошто не ги искористил 1.000 евра што татко му му ги праќал секој месец за да си изнајми стан, но тој немал одговор.