Синот на Вучиќ во друштво со мафија


Српскиот претседател, Александар Вучиќ се најде под притисок поради сомневање дека неговиот син Данило е поврзан со мафијата, јавува германската новинска агенција ДПА.

Најмоќниот политичар во Србија веќе два дена се жали на наводниот „лов на вештерки“ против неговиот 22-годишен син.

„Моите политички противници не можат да ме поразат со идеи и програми, па се обидуваат да ме поразат преку психичка тортура на моето семејство“, се пожали тој минатата вечер на државната телевизија ТВ Прва.

Новинарка од независниот истражувачки портал „Крик“ минатата среда го фотографирала Данило Вучиќ во белградски локал во друштво на добро познати фудбалски хулигани.Групата во која бил Данило го следела емитувањето на дербито меѓу Црвена звезда и Партизан.

Синот на Вучиќ во минатото најмалку трипати бил виден со Александар Видојевиќ. Во моментов во тек се полициски истраги за наводна вмешаност на Видојевиќ во црногорски мафијашки клан што работи на меѓународно ниво.Видојевиќ ја предводи навивачката подгрупа на Партизан – Јаничари, која редовно се поврзува со насилство и вандализам.Претседателот Вучиќ го бранеше Видојевиќ.

„Тоа момче никогаш не било обвинето за кривични дела поврзани со дрога, само за тепачка, но никогаш не бил осуден за тоа“, рече тој во телевизиското интервју.

Парламентарните избори треба да се одржат во Србија на 21 јуни, а десничарската Српска напредна партија (СНС) на Вучиќ е изразен фаворит.

Дел од опозицијата ги бојкотира изборите. Критичарите го обвинуваат Вучиќ за елиминирање на можноста за слободни избори преку репресија и злоупотреба на власта.