Синот на Трамп повикан да сведочи пред сенатската Комисија за разузнавање


САД – Комисијата за разузнавање при американскиот Сенат го повика на сведочење Доналд Трамп помладиот, еден од синовите на американскиот претседател, за да одговори на прашањата за своите контакти со Русија, тврдат два извори од Конгресот.

Како што пренесува Хина, Комисијата сака Трамп помладиот да го праша за сведочењето пред правосудната сенатска комисија во септември 2017 година, кое е во спротивност со некои подоцнежни јавни сведочења на Мајкл Коен, поранешниот личен адвокат на американскиот претседател.

„Како што кажав, знаев за тоа, но повеќето од сознанијата ги добив за време на сослушувањето за таа тема во текот на изминатите неколку недели“, изјави тогаш Трамп помладиот на прашањето за опсегот на својата вклученост во планот за изградба на Кулата Трамп во Москва.

Коен, пак, во сведочењето пред Комисијата за надзор при Претставничкиот дом изјави дека членовите на семејството Трамп ги запознал со информациите за московскиот проект „Кула Трамп“ „околу десет пати“, а меѓу нив биле и Трамп помладиот и неговата сестра Иванка.