Синот на Талат Џафери и сопругата на Ислам Абази станаа обвинители
Откако ја завршија Академијата за судии и обвинтели, денеска добија и работни места.
Советот на јавни обвинители го избра Барлет Џафери, синот на претседателот на Собранието Талат Џафери, за обвинител во Основното јавно обвинителство во Гостивар, а Албулена Абази, сопруга на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, е избрана за обвинител во ОЈО Кичево.
На денешната седница беа избрани вкупно 18 обвинители во 12 обвинителства низ земјава и еден Основен јавен обвинител во ОЈО Штип, а десет останаа неизбрани. По завршувањето на седницата, претседателот на Советот на Јавни обвинители, Антонио Јолевски изјави дека прво ќе расчистат со основните обвинителства и да видат колку места ќе се пополнат, во кои обвинителства, а потоа ќе изберат и во Обвинителството за организиран криминал и корупција и Вишото јавно обвинителство.
„Поголемиот дел од кандидатите се јавија во обвинителства во кои знаеја дека нема да бидат избрани. Куманово, кое е на два чекори од Скопје, никој не се пријави, иако беа сигурни дека ќе бидат избрани во Куманово, каде што има голем недостаток на обвинители, но, никој не се јавува“, рече Јолевски.
Тој информираше дека празно остана само Јавното Обвинителство во Крива Паланка.
На прашањето за биографијата на кандидатот Барлет Џафери, за кого ДКСК објави дека положил правосуден испит пред да дипломира, Јолевски рече дека целосната документација што е потребна за кај нив е важечка, а за останатото, според него, требало да се погрижат другите надлежни институции.
„ДКСК го има затворено предметот како предмет“, рече тој.