Синот на Слободан Милошевиќ по 20 г. се појави во јавност, во Москва откриен споменик на неговиот татко


 

Марко Милошевиќ, синот на поранешниот претседател на Србија и на СР Југославија, Слободан Милошевиќ, за прв пат се појави во јавноста по повеќе од 20 години. Милошевиќ е снимен во Москва на откривањето на споменикот на неговиот татко, во друштво на Александар Залдастанов познат како Хирургот, близок соработник и пријател на Владимир Путин и водач на мото групата „Ноќни волци“, пишува белградски Блиц.

Во видеото кое трае нешто помалку од 50 секунди, Залдастанов го најавува Милошевиќ, кој потоа ѝ се обраќа на толпата повторувајќи ги зборовите на татко му напишани на споменикот.

– Како што пишува овде на таблата, ние, за жал, бевме проба за тоа што се случи со Русија и што се случува сега во Украина. Југословенските војни се исти, само сега во Украина – забрзана верзија. За жал, ја загубивме битката, но се надевам дека не ја загубивме војната. Од нашите грешки и од нашата судбина, Русите извлекоа лекција и ние ќе победиме! За победа – рече Марко Милошевиќ, стоејќи пред српското знаме.

Инаку, синот на Милошевиќ изгледа прилично непрепознатливо во однос на последните достапни фотографии од пред повеќе од 20 години, тој видно остарел и побелел. Тој не се појави во јавноста откако, по падот на режимот на неговиот татко на 5 октомври, побегна во Русија откако беше обвинет под сомнение за вмешаност во организиран криминал. Веќе на 7 октомври тој ја напушти Србија и преку Пекинг замина во Москва, каде што доби политички азил.

Оттогаш живее во целосна илегала, за него имаше само повремени информации, се шпекулираше дека води вносен бизнис во руската престолнина, дека повторно се оженил… По него има потерница од Интерпол во Србија, според кој треба да биде уапсен ако се појави во земјата.

Инаку, споменикот на Слободан Милошевиќ беше откриен во Москва на плоштадот Европа, кој се наоѓа во поширокиот центар на руската престолнина. Споменикот висок два метри го изработи српскиот скулптор Драган Раденовиќ, кој е препознаен и ценет во Русија бидејќи е член на Руската академија на уметностите, пишува Блиц.