Синоличка Трпкова: Ова е време на ножеви, од зад грб
Познатата актерка и професорка Синоличка Трпкова ја промовира првата прозна книга насловена „Никогаш не кажувам“. Промоцијата на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, се одржа во книжарницата „Literatura.mk Superstore“ во „Скопје сити мол“.
„Никогаш не кажувам“ е куса проза со есеистички поттекст. Нејзината организација во пет одделни циклуси и воведна, програмска приказна со ист наслов, како и самата книга, го структурира читањето, формирајќи одделни островчиња на интерес, како на авторката, така и на потенцијалниот читател.
– Најзначајно за оваа книга на Синоличка Трпкова е што истовремено и нѐ изненадува и не нѐ изненадува. Знаејќи ги нејзините мошне луцидни и популарни искажувања за многу актуелни и горливи прашања од секојдневието на социјалните мрежи, особено на „Фејсбук“, како и нејзината висока писменост во најширока смисла на зборот, ни се чини нормално да објави книга, истакна писателката Оливера Ќорвезироска.
Авторката Синоличка Трпкова откри дека расказите се пишувани во подолг временски период и првично не планирала да ги објави.
– Живееме во време во кое секој секому забива нож в грб. Ова е време на ножеви, од зад грб. Сите станавме експерти за тоа. Па, во едно таков немилосрден период, си реков, зошто да не пробам еднаш сама да удрам по себе, да видам како тоа изгледа кога јас би си забила сама нож. Во даден момент, тоа соголување и тоа саморанување преку овие раскази ми дава можност да ослободам еден актерски и филмски дел од себе. Човек што не е ранлив не може да создава. Човек што не се критикува себеси, што не си го забива ножот, не може да забива на другите луѓе нож. Прво треба да си критичен пред себе, а потоа треба да си критичен кон другите. Тоа е мојот став генерално за животот, изјави Трпкова.
Синоличка – Ноли Tрпкова е филмска, телевизиска и театарска актера. Долгогодишна професорка е на Факултетот за драмски уметности по предметот Актерска игра пред камера и е авторка на учебник на оваа тема, единствен на македонски јазик. Позната е и како колумнист, авторка и водителка на образовен телевизиски серијал.
Книгата „Никогаш не кажувам“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“.