Синоличка Трпкова ќе ја промовира својата прва прозна книга, „Никогаш не кажувам“
Книжевниот првенец на познатата актерка и професорка Синоличка Трпкова, „Никогаш не кажувам“, ќе биде промовиран вечерва во 19 часот во книжарницата Literatura.mk Superstore во „Скопје сити мол“.
Промоторка на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
– „Никогаш не кажувам“ е куса проза со есеистички поттекст. Нејзината организација во пет одделни циклуси и воведна, програмска приказна со ист наслов како и самата книга, го структурира читањето, формирајќи одделни островчиња на интерес, како на авторката, така и на потенцијалниот читател. Започнува со крајно лични приказни со острицата на ножот вперена во раскажувачкото јас; со син и ќерка, со состојба во која „раскажувачот“ е родител; продолжува во втора целина кога „раскажувачот“ е дете; третиот циклус е мешавина и од едното и од другото, вител од родители и деца, од минато и сегашност измешани во некакво трајно постоење, наведуваат од Арс Ламина.
Во него, додаваат, се реферира на луѓе од секојдневието, на јавни и обични личности вмрежени во емоционалниот координатен систем на авторката.
– Наидуваме на омажи, вистински медалјони за Данчо Чеврески, но и за другарката Соња; во оваа книга „гостуваат“ и Слободан Унковски и Марјан Алчевски, но и мириси, вкусови и одамна починати деца во една болница во Франција – митскиот топос на Синоличка, точката во која е забиена боцката на нејзиниот емоционален шестар. Четвртиот циклус е опфат на нашето актуелно време, еден автентичен поглед на пандемијата прекршен низ лично огледало. Последниот, петтиот циклус е есеизирање на книжевното од претходните четири. Се разликува дури и по насловувањата, посочуваат од Арс Ламина.
Синоличка (Ноли) Tрпкова е филмска, телевизиска и театарска актерка. Долгогодишна професорка е на Факултетот за драмски уметности по предметот Актерска игра пред камера и е авторка на учебник на оваа тема, единствен на македонски јазик. Позната е и како колумнист, авторка и водителка на образовен телевизиски серијал; препознатлив глас „на совеста” на социјалните мрежи, каде што често го кажува јасно и прецизно она што другите го мислат.