Синодот на МПЦ го советува новинарот Марјан Николовски добро да ги „проучува црковните теми“
Еден месец по загадочниот скандал во кој беа вклучени некои владици на МПЦ-ОА и кои го повикаа новинарот Марјан Николовски (основач и уредник на порталот „Религија.мк“ на соочување со црковен обвинител), Синодот во својот работен состав денеска ја отворил оваа тема која предизвика неверојатен одглас во јавноста.
Во дел од соопштението за седницата седницата се вели: „Светиот Синод на МПЦ – ОА разгледувајќи ги написите од г. Марјан Николовски на порталот ‘Религија.мк’, го советува при објавувањето на црковните теми, да ги проучи соодветно за да не предизвикува погрешни информации во јавноста“.
На седницата се разговарало за две исклучително важни теми за МПЦ околу доделувањето на конечниот томос за афтокефалност од страна на Вселенската патријаршија – односот кон Украинската православна црква и именувањето на македонската црква од елинофонските цркви. Формирана е и комисија за тие прашања.
Во таа многу сериозна агенда (која дојде три дена по посетата на архиепископот Стефан на Ватикан) се најде и прашањето за новинарот Марјан Николовски и неговото пишување и „дедовските поуки“.
Оваа препорака на Синодот до Николовски да „проучува повеќе“ е дел од сфаќањето во црковниот врв кој може да пишува за прашања поврзани со црквата – само автори кои го имаат „благословот“ на МПЦ-ОА или и „обични“ новинари кои на темите можат да им пристапат од неопходната дистанца.
Интернет порталот „Религија“ во ова има специфична улога затоа што преку „мирјанинот“, новинарот Марјан Николовски, кој има исклучително знаење за црковните работи, помага јавноста да добие поцелосна слика за настаните во и околу МПЦ-ОА.
Марјан Николовски дојде на удар на Синодот на МПЦ-ОА веројатно затоа што на одредени владици не им се допаѓа пишувањето на медиумот.
Во јавното обраќање пред еден месец Николовски рече дека Синодот сака да го стави пред црковен суд и таму да одговара пред „црковен обвинител“.
Николовски напиша дека Синодот на МПЦ-ОА покренува судска постапка против него и порталот затоа што текстовите кои бил објавени предизвикувале „‘основ’ за изразување омраза, во форма на говор на омраза, предизвикување омраза кај верниците и доведување на оштетените членови на САС (Синодот) во општа опасност и загрозување на нивната безбедност, а особено преку електронски извор – средство за јавно информирање“.
Причината за оваа чудна постапка, според Николовски, е тоа што во последниве две години „Религија“ интензивно пишува за состојбата во која се наоѓа МПЦ-ОА во православниот свет и „патот што двајца владици го трасираат, а кој води кон заробеништво на МПЦ-ОА во ‘рускиот свет’“. Николовски наведе: „Претседателот на државата, министерката за одбрана, безбедносните експерти, странските амбасади, предупредуваат дека дел од високиот клир на МПЦ-ОА работи за руските државно-црковни безбедносни служби. МПЦ-ОА денеска не е МПЦ-ОА од пред 20 години. Таа денеска е црква на патот до полноправна автокефалност, ниту една црква не ја смета за шизматичка и може да сослужува со сите цркви во светот. Таа битка МПЦ-ОА ја доби благодарение на државата и нејзината заштита. И сега државата е онаа која очекува црквата да ѝ биде партнер кога станува збор за националните и стретешки интереси“.