Синиша Алексовски бил во полиција заради неовластено снимање на возило на државен функционер


Поранешниот советник на претседателот, Ѓорге Иванов и поранешен разузнавач во Агенцијата за разузнавање, Синиша Алексовски денеска бил повикан на разговор во полициска станица, потврдуваат од МВР.

Од МВР за Фокус велат дека Алексовски бил повикан на разговор заради неовластено снимање на возило на државен функционер. Од МВР не соопштија за кој функционер се работи и се очекува да објават соопштение за овој случај. Се обидовме да стапиме во контакт со Алексовски, но неговиот телефон е исклучен, па не добивме одговор, за што станува збор.

Екипа на порталот „А1 он“ попладнево го забележала Алексовски во полициската станица Центар каде се задржал речиси два часа.

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев кој дојде на министерското место од Агенцијата за разузнавање се обиде да го префрли Алексовски во МВР и да го назначи за свој советник, но не успеа. Неодамна, претседателот Стево Пендаровски под чија надлежност е Агенцијата за разузнавање соопшти дека Алексовски е отпуштен од Агенцијата бидејќи не добил безбедносен сертификат.