Сингапур им забрани на „Масив атак“ влез во земјата поради палестинското знаме


Сингапур – Властите во Сингапур им забранија на двајцата водечки членови на британскиот трип-хоп-состав „Масив атак“ повторно да влезат во државата, откако развеале палестинско знаме и изразиле поддршка за палестинската кауза на концертот минатата недела.

Сингапурската полиција соопшти дека двајца мажи се под истрага за нивните постапки за време на концертот на островската град-држава на 29 јули, кога, меѓу другото, развеале странски знамиња, а еден од нив извикувал „Слободна Палестина“ од сцената. Членовите на бендот добиле сериозни предупредувања и се ставени на црна листа, со што им е забрането да се вратат во Сингапур. Полицијата јавно не ги идентификуваше двајцата мажи. Снимки од тамошните медиуми ги посочуваат како Роберт „3-Д“ Дел Наџа и Грентли „Деди Џи“ Маршал.

„Полицијата презема сериозни мерки за дејанија што потенцијално би можеле да ја нарушат расната и религиозната хармонија во Сингапур и ја повикува јавноста, вклучително и странците, да се воздржат од мешање на странска политика, бидејќи тоа би можело да ја загрози нашата социјална кохезија и владеењето на правото“ – се вели во соопштението на надлежните.

„Масив атак“ одговорија на Инстаграм, велејќи дека бендот е „изненаден и разочаран“ од одлуката и дека голем дел од публиката скандирала „Слободна Палестина“ пред и по нивниот настап. Во одговорот се додава и дека не очекувале кревањето на знамето да прекрши некој закон, но се горди што го направиле ова „спонтано изразување“ на поддршка за палестинската кауза со своите обожаватели во Сингапур.