Колку ќе скокне најниската плата : Синдикатот предлага минималец повисок за 1.000 денари


Предлог на Сојузот на синдикати на Македонија е минималецот да се зголеми за илјада денари. Предлогот е доставен до Владата, а за него било разговарано и на последната средба на синдикалците со премиерот Зоран Заев во јули. Во моментов, минималната плата во Македонија изнесува 12.507 денари.

„Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во континуитет се залага и бара зголемување на минималната плата се со цел подобрување на стандардот на работниците со најниски плати и на нивните семејства. ССМ укажува дека во услови кога синдикалната минимална кошница за јули 2019 година изнесува 32.653 денари, а само трошоците за храна изнесуваат 13.575 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата која согласно Европските препораки и тенденции треба да изнесува 60 проценти од просечната плата во државата“, ни изјави претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Пресметките на Синдикатот покажале дека има потреба од зголемување на минималната плата за најмалку 12 проценти, и да се искачи на 13.575 денари, колку што изнесуваат трошоците за храна. Тоа е износ со кој државата ќе се приближи до европскиот тренд на висина на минимална плата, имајќи ги предвид пред сè заложбите на државата за побрзо интегрирање во европското семејство.

„Потенцираме дека освен зголемување на минималната плата, потребно е итно да се направи скалесто зголемување на платите на сите позиции преку директна примена на колективните договори и коефициентите предвидени во истите“, вели Димовски.

Од април, кога минималецот беше последен пат зголемен од 12.165 денари на 12.507 денари, траат преговорите за нов раст на најниската месечна плата. Во мај премиерот Заев најави дека од јули минималецот ќе се зголеми на 13.000 денари. Како што растеа буџетските приливи, а со тоа и можноста за субвенционирање на дел од трошоците на компаниите, растеше и износот на најниската плата за кој се преговараше.

Министерот за економија Крешник Бектеши викендов „се издаде“ дека износ што е на маса е и 15.500 денари. Веднаш потоа се повлече, дообјаснувајќи дека покачување ќе има, но за висината уште се преговара.

Од Организацијата на работодавачи на Македонија за скокот на минималецот за 50 евра изјавија дека би било подобро да е поделен во две години, но дека е прифатлив доколку се субвенционира делот на придонесите, затоа што, во голема мера, ќе значи легализација на износите што сега газдите им ги исплатуваат во плик на работниците. Премиерот Заев, пак, кажа дека за субвенционирање на делот на придонесите за платите што ќе пораснат до 100 евра се предвидени 40 милиони евра со ребалансот на буџетот. (А.С.)