Синдикатот на вработените во Министерството за финансии најавуваат масовни штрајкови


Фото: Б. Грданоски

Од Синдикатот на вработените во Министерството за финансии најавуваат масовни штрајкови, ако денеска толкувањето на чл.66 од Законот за буџети, биде дека само некои треба да добијат 30 отсто зголемување на платата.

„Пред извесен временски период се донесе Закон за буџети со политички консензус од сите пратенички групи, со кој се предвидува зголемување на платите на сите вработени во Министерството за 30%. Министерот за финансии, Фатмир Бесими тврди дека тоа покачување се однесува само за определен сектор – Секторот за буџети, а не за сите вработени. Во таа насока на денешната седница на Законодавно-правната комисија, владата сака да прошверцува автентично толкување на одредбата од чл.66 од Законот, со кој што сака да го ограничи правото на покачување само на дел од вработените“, појаснуваат од Синдикатот.

Според нив ова е огромен скандал каде што зад очите на јавноста, без консултации со вработените и синдикатите сакаат да го скратат она покачување што законски ни следува на сите вработени во министерството.

„Одредбата од чл.66 во Законот е јасна, таа предвидува зголемување на платите на сите вработени во Министерството. Доколку не се зголемат платите на сите вработени во Министерството како што предвидува Законот, ние како вработени ќе пристапиме кон масовни штрајкови“, се вели во нивното соопштение.

Вработените во Министерството за финансии и на 1 февруари излегоа на мирен протест пред зградата во која работат, во знак на револт поради поништувањето на одлуката за зголемување на јануарските плати за 30 отсто, од страна на министерот Фатмир Бесими. Протестот на вработените беше ненајавен и траеше кратко.

Одлуката на Бесими да ги зголеми платите само во неговото министерство претходно предизвика револт во останатите државни институции.

Од Министерството за финансии оваа одлука ја оправдуваа дека нивните вработени земале најниски плати и токму поради тоа голем број си давале откази. Министерот стравувал дека институцијата ќе остане без вработени, па токму тоа било образложението зошто ја донел одлуката да ги зголеми платите за 30 отсто од јануари.