Синдикатот на УКИМ во Владата ќе се сретне со Ковачевски, Битиќи и Шаќири


Фото: Б. Грданоски

 Претставници на Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска во 10 часот во Владата ќе имаат средба со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, потврди за МИА проф. д-р Ангел Ристов, претседател на Синдикатот на УКИМ.

Синдикатот ќе ги изнесе барањата што ги има две години – потпишување Колективен договор и постепено покачување на платите, по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да се достигне ниво од 100-процентно покачување.

– Синдикатот на УКИМ очекува од Владата да ги прифати нашите барања за надминување на исклучително тешката материјална состојба на вработените на УКИМ, за обезбедување достоинствен живот на наставниот и ненаставниот кадар и развој на високото образование и науката, вели Ристов.

За овие барања Синдикатот на УКИМ на 2 јуни организираше предупредувачки протест пред Ректоратот и за крајот на тој месец планираше мирен протест пред Владата, но го откажа откако доби ветување од Владата дека нивните барања ќе бидат разгледани од министерствата за образование и наука и за финансии.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека очекува отворени разговори со Синдикатот на УКИМ во однос на зголемувањето на платите на професорите.

-Јас очекувам да разговараме отворено со Синдикатот на УКИМ на којшто ќе треба да се постави рамка во однос на барањето на професорите од УКИМ. Треба да се цени и вреднува работата на професорите. И јас доаѓам од академската заедница со тоа што мора да ги имаме предвид условите во коишто работи економијата во овие кризни услови, рече премиерот и додаде дека веќе е предвидено зголемување на платите во високообразовните институции за седум до осум проценти за оваа година.