Синдикатот на културата остро реагираше на одлуката на Уставниот суд


Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) со остра и симболична порака реагираше на одлуката на Уставниот суд за укинување на Колективниот договор за вработените во културата.

Во објава на Фејсбук, Синдикатот го изрази својот револт, алудирајќи на погреб на работничките права.

„Се гледаме на седумдневениот помен, благата пченица е од нас за вас. Вечнаја памјат, а ВАМ историјата нека ви суди и ќе ви пресуди! Овековечени во историјата како ЕГЗЕКУТОРИ“, порачаа од Синдикатот.

Реакцијата следува откако Уставниот суд донесе одлука за укинување на членот 78-љ од Законот за култура и на Колективниот договор во целина.

Одлуката ќе стапи во сила на 1 април 2027 година, до кога надлежните институции и синдикатите треба да подготват нов колективен договор, а Собранието да ги донесе потребните законски измени.

„ Уставниот суд постави опасен преседан и ги погази работничките права на над 2.000 културни работници во Македонија. Го укина Колективниот договор кој им гарантираше утврден начин на пресметување на платите, коефициенти според сложеноста на работните места, додатоци на плата, платени отсуства за стручно усовршување и други права од работниот однос. Овој договор беше резултат на синдикално извојувани права и механизам за заштита на вработените во 123 културни институции, изјавија од Левица.

Случајот со Колективниот договор е неразделно поврзан со повеќе од една година судир меѓу културните работници и Министерството за култура, тогаш предводено од Љутков. Министерството воведе поинаков начин на пресметување на платите, спротивен на пресметките што ги бараше Синдикатот согласно Колективниот договор. Спорот заврши со околу 800 тужби поднесени од вработените. Наместо да се реши проблемот со почитување на договорените права, работниците беа принудени да ја бараат сопствената плата по судови. А сега, со укинувањето на договорот, им се одзема и основата врз која ги бранеа тие права.

За сето ова, поранешниот министер Љутков беше награден со позицијата национален координатор за култура, само седум дена по неговото разрешување. Владата прво ги утврди коефициентите за платата на новата функција, а потоа го именуваше Љутков – со околу 106.000 денари нето месечна плата. Работниците што ги остави со стотици тужби продолжија да се борат за сопствените плати, а тој доби нова функција и нова функционерска плата од буџетот.

„До овој момент нема јасен одговор ниту од Владата, ниту од актуелниот министер за култура Сулејмани, ниту од Љутков – што конкретно ќе се случи со платите и работничките права на овие луѓе? Кој ќе гарантира дека нема да следуваат нови произволни пресметки, притисоци врз вработените и дополнително кршење на нивните права? Кој ќе ја преземе одговорноста за правната и материјалната неизвесност во која ги оставаат над 2.000 луѓе? Во државава не функционираат институциите, не функционираат јавните услуги, не функционира одговорноста на функционерите. Но, кога треба да се удира по работничките права, институционалниот механизам функционира беспрекорно“, велат од Левица.

Под притисок на власта, Уставниот суд го укина колективниот договор за култура. Работничките права на над 2.000 вработени се под силен удар. Ова е преседан, за прв пат во Македонија се случува Уставен суд да укине Колективен договор, се вели во соопштението на СДСМ од денешната прес-конференција на Наташа Поповиќ, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

„Во реалноста, пари во Буџетот за 2027 година нема за да ги следи обврските од Колективниот договор.  Очигледно власта однапред ја знаеше одлуката на Уставниот суд па не предвидела пари. Сега нема да се знае како ќе се пресмета следната плата на вработените. Ќе следуваат нови произволни пресметки, притисоци врз вработените и дополнително кратење на нивните права. Ги поддржуваме работниците и нивната борба за своите права, за достоинствени плати, се вели во соопштението на СДСМ.