Синдикатот на ,,Еуроникел” бара продолжување на производството во фабриката


Синдикатот на ,,Еуроникел индустри” со допис до директорот Димитрис Пасос и бордот на ГСОЛ, бара продолжување на производството во фабриката во Кавадарци.

– Дојде крајот на месец октомври, а нас платата за септември се уште не ни е исплатена. Сите овие месеци ни ветувавте дека работите ќе одат кон подобро, дека ќе расте производството и ќе пораснат и платите и ние ви верувавме, се вели во дописот.

Наместо тоа, се додава, работите се катастрофални, печката само се грее, производство нема, а вработените се принудени месецот да го преживеат со минимална плата.

– Од дописот што го пративме до вас и до бордот на ГСОЛ на 16.10.2023 и последната средба со вас минатата недела на 17.10.2023, уште чекаме одговори и уште чекаме средба со вас. Работниците се чуствуваат излажани и крајно револтирани и бараме нашиот труд веднаш да биде платен, пишуваат од синдикалната организација.

Бараат да се обезбеди иднината на фабриката, да се обезбедат работните места како што им било ветувано цело време.

– Ветувавте дека и ГСОЛ има план и други инвеститори ќе дадат план и фабриката ќе работи. Каде се сега тие планови за работа и зошто не се остваруваат? Денес фабриката не работи, платата не е исплатена, нема најава за руда, за почеток на производство, за решавање на нашиот статус и нашата иднина. Директоре, 800 вработени, 800 семејства ве чекаат да го исполните ветеното, се вели во дописот испратен од Синдикатот на ,,Еуроникел индустри”, потпишан од претседателот Миле Ѓорѓиев.

Претходната седмица вработени од комбинатот протестираа пред објектот, барајќи решавање на проблемите во врска со платата и работењето на фабриката, обезбедувањето на руда. Беше нагласено дека гигантот е значаен за кавадаречката и македонската економија.