Синдикат на ДПИ: Дел од образовните установи се водени од неквалификувани директори


Конфедерацијата на слободни синдикати каде членува и Синдикатот на Државниот просветен инспекторат (ДПИ), денеска на прес-конференција обвини дека во најголем дел од образовните установи на водечките позиции се вработуваат лица кои не се квалификувани за тоа.

Јован Ѓорѓиевски претседател на независен синдикат на ДПИ на прес-конференцијата посочи дека сегашниот в.д. директор Халил Фератов, и покрај укажувањето на ДКСК до Владата дека не ги исполнува критериумите за оваа работна позиција, три пати е назначуван за в.д. директор.

Ѓорѓиевски смета дека Фератов ги нема дел од критериумите кои што треба да ги поседува.

-Дел од тие критериуми кои што треба да ги поседува, ги нема, како што е минимум пет години во образованието. Ќе бидеме будни и ќе ја следиме неговата работа, за да може работниците да ги уживаат сите синдикални права, рече претседателот на независниот синдикат на ДПИ Ѓорѓиевски.

В.Д. директорот на ДПА пак, вели дека тој е само В.Д. директор назначен од Владата, а не директор избран на јавен оглас. 

Од ДКСК неколкупати укажуваат дека именувања на функцијата В.Д. директор не се користи за надминување на непредвидена состојба до пополнување на  раководните места со распишување на јавен конкурс, како што е предвидено во материјалните закони, туку се користи редовно како да е тоа единствен начин за поставување директори.

Од обработените предмети Комисијата констатира дека именувањето В.Д. директори се врши во континуитет по неколку пати од 6 месеци, (имавме пример и за 7 пати во континуитет именуван ист директор, или градоначалник не знае дека именувањето ВД директори е ограничено). Оваа забелешка од ДКСК се однесува на основни училишта каде надлежна за назначување директор е општината. 

Но, се чини дека тоа не е исклучок и во Државниот просветен инспекторат.