(Видео) Синдикалците поставија 120 столчиња пред Собранието – бараат зголемување за 2.800 денари

Членовите на ССМ бараат линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари и враќање на правото за  регрес на годишен одмор од 2023 година.


Фото: Б. Грданоски

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) почна со штрајкот, па пред Собранието на Република Македонија во Скопје беа поставени 120 столчиња.

Членовите на ССМ бараат линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари и враќање на правото за  регрес на годишен одмор од 2023 година.

Фото: Б. Грданоски

Пред Собранието свое обраќање имаше и претседателот на ССМ, Дарко Димовски кој побара поддршка од народните претставнци за поднесениот амандман, како што рече, сега и веднаш, односно почнувајќи од 1 јули.

„Тие пари ни се неопходни поради сè ова што ни се случува, двоцифрена инфлација, ценовни шокови, најавена енергетска криза и поскапување на струјата.

Сите оние кои нема да го поддржат ова наше барање во интерес на работникот, наше легитимно право како претставници на работниците, е од нив да побараме оставка“, предупреди Димовски.

„Ние сме ги избрале тие пратеници за да ги унапредуваат и чуваат нашите права и да ни излезат во пресрет сега кога ни е најпотребно. Другари пратеници, другари од власта, од локалната самоуправа сериозно сфатете си ја работата, работникот денеска се бори за егзистенција“, нагласи претседателот на ССМ.

Во врска со состојбата на терен, Димовски информираше дека регионалните секретари на Синдикатот утрово се соочиле со притисок во едно претпријатие, но откако ја прикажале документацијата за правото на штрајк, веднаш се повлекле и досега немале друг проблем.

„Но, исто мора да пофалам во одредени институции и претпријатија од изутринава веќе се потпишуваат спогодби за сите вработени да добијат 2.806 денари од 1 јули. Значи, имаме и таква и ваква ситуација, но на крајот на денот во 13 часот нашите регионални секретари ќе поднесат извештаи и секаде онаму каде што ќе се прави пресија врз работниците и штрајкувачките одбори истото ќе се случи како завчера со пратениците, јавно ќе ги објавиме тие директори и управители или носители на тие функции што ни прават пресија за да не штрајкуваме“, додаде тој.

Како што истакна претседателот на ССМ, денеска го одбрале Собранието, со цел да направат еден вид притисок врз пратениците кои не го изгласаа амандманот., а утре ќе постават 21 столче пред Владата, да ги потсетат и нив дека треба да го прифатат тој амандман.

Во преговорите со Владата се договориле од 1 јули да биде потпишан колективниот договор за јавниот сектор, но како што вели тој, нема никаков одговор од надлежните и поради тоа се чувствуваат излажани и изманипулирани.

Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија пред Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје изјави дека денеска излезени се здравствени работници од сите организациони единици, а останатите кои треба да пружаат минимална здравствена заштита се внатре на нивните работни места, со цел да обезбедат минимална здравствена заштита.

„За здравството линеарното покачување ќе значи доста. Во принцип 2.806 денари линеарно покачување како нето износ за сестра со средно образование би значело 14 проценти покачување на плата, линеарниот износ за сестра со високо образование ќе значи 10 отсто покачување на плата, за општ лекар ќе биде некаде 8,5 проценти, за лекар специјалист некаде 5,8 отсто, значи тој линеарен износ во однос на процент би значело покачување на платата што веќе во овој момент е и доста добро, а сепак знаете дека ваквиот пристап на линеарно покачување го има тој солидарен аспект, значи сите да го добијат истиот износ“, рече Каранфиловски.

Работниот процес нема да го прекинат само 10 отсто од вработените, кои ќе работат на итните случаи, додека останатите ќе го одржат штрајкот.

Најавија дека штрајкот продолжува и следните денови, па така планираат утре пред Владата да постават 21 столче за секој министер, а потоа штрајкот продолжува пред Министерството за финансии.

Столчињата ќе стојат пред институциите од 10 до 14 часот.