Симовски смета дека имало тивок бојкот на пописот во дијаспората


Тивкиот бојкот на граѓаните кои живеат во дијаспората веројатно се должи на антикампањата за бојкот на пописот. Ова за Канал 5 го потврди директорот на Заводот на статистика Апостол Симовски. Тој потенцира дека слабиот одзив на иселениците води во погрешна насока и апелира тие да дадат свој придонес во оваа важна статистичка операција

„Toa што е мал одѕивот особено во Австралија, меѓутоа и во Канада и САД, веројатно се должи на антикампањата која знаеме дека тече и имаме такви информации. Меѓутоа уште еднаш ги охрабрувам иселениците, бидејќи ова е нешто што е во интерес прво на нив самите, а и на државата за да собереме информации за тоа колку и каде имаме наши сограѓани“, изјави Апостол Симовски.

Во меѓувреме на нецели две недели до официјалниот старт на пописот за граѓаните во Македонија се уште не се знае дали тој ќе биде одложен. Вчерашната изјава на првиот човек на комисијата за заразни болести Караџовски за евентуалното одложување при што потенцираше дека одлуката е политичка, за Симовски е погрешно разбрана.

„Мислам дека пораката на д-р Караџовски е погрешно разбрана, Комисијата може да даде само препорака, не носи одлуки во никој случај. Меѓутоа таа е единствениот субјект кој може да даде препорака по било што. Тие ни дадоа протоколи, но истите може да се менуваат зависно како се движат состојбите со ковидот и ако оценат дека условите се такви да не може да се одвива пописот можат да дадат само препорака“, изјави Апостол Симовски.

Според законот, Комисијата треба да даде препорака до Владата, а Владата потоа до Собранието во форма на законско решение. Дел од експертите сметаат дека пописот треба да се одложи поради лошата епидемиолошка слика по примерот на соседните држави кој веќе го одложија спроведувањето на оваа операција.

Преку апликцијата за самопопишување на дијаспората заклучно со денешниот ден евидентирани се вкупно 77.122 лица.