Симоновски: Не се памети ден како вчерашниот, дел од пожарите се подметнати
Сите пожари во скопскиот регион на кои се интервенираше вчера се изгаснати. Територијалната противпожарна единица на Град Скопје во текот на вчерашниот ден имала 29 дојави за пожар од кои е интервенирано во 22 случаи, а седум дојави биле лажни.
– Не се памети ден како вчерашниот. Досега не сме имале 22 интервенции за помалку од 24 часа. Првата дојава беше околу 10 часот, а последната во 21:45 часот, вели во изјава за МИА командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски.
Состојбата во поранешната фабрика „ОХИС“ е стабилна, а денеска е изгаснат и пожарот над Сарај кон „Јасен“.
Оценките на пожарникарите се дека дел од пожарите се подметнати.
– Нашите досегашни искуства покажуваат дека дел од пожарите се подметнати, вели Симоновски.
Од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје во моментот има една екипа испратена во пехчевско-делчевскиот регион.
Секаде каде била побарана помош, како што изјави Симоновски, биле испратени екипи притоа водејќи сметка да не се доведе во прашање безбедноста на граѓаните во Скопје.