Симона Живковска потврди дека снима со Скарлет Јохансон: Ќе ве направам горди!


Младата макеоднско-британска актерка Симона Живковска потврди дека е дел од актерската екипа на новиот блокбастер на Марвел, „Црната вдовица“.

– Ви благодарам многу за поддршката во овој момент особено ми значи! Многу сум благодарна за оваа можност и се надевам дека ќе ја направам Македонија горда! – напиша Живковска на Фесјбук.

Таа претходно информираше дека снимањето на филмот е во тек.

– Веќе долго време се мачам да не раскажам на сите дека станав дел од универзумот на „Марвел“ и дека земам дел од оваа продукција. Овој цел момент беше исполнување на сонот, па сега се чувствувам благодарна и смирена. Ништо од ова немаше да постигнам без верба, мојата фамилија и мојот агент – вели Живковска.

Симона Живковска е родена во Скопје во 1994 година. Има двојно потекло – од Македонија и западноиндиско (Св. Мартин). Во 2001 година се преселила во Велика Британија. Првото телевизиско искуство ѝ било на 17 години во драмата „Моето убиство“ во продукција на Би-би-си.

Филмот „Црната вдовица“ во режија на Кејт Шортленд се очекува премиерно да излезе на 1 мај 2020 година во САД. Освен Скарлет Јохансон во главната улога, во филмот играат и Рејчел Вајз, Дејвид Харбор и други.