Симон Трпчевски со „Македонисимо“ во Романија ја стартува концертната 2025


Нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, концертната 2025 година ја старува утревечер (петок, 17 јануари) во Темишвар, Романија со оркестарската изведба на проектот МАКЕДОНИСИМО.  Придружувани од Симфонискиот оркестар на Филхармонијата Банатул од Темишвар, под диригентстака палка на Раду Попа, МАКЕДОНИСИМО КВИНТЕТОТ на овој концерт ќе го сочинуваат и Владимир Крстев на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките ќе биде Влатко Нушев. Делото изнедрено од богатата македонска традиционална музичка ризница низ аранжманите на Панде Шахов ќе се најде на програмското концертно „мени“ заедно со дела од Шостакович и Гершвин.

Како што информира „КултурОп“, Трпчески веќе наредниот ден стартува со својата мастер класа на Конзерваториумот за музика и балет во Љубљана, Словенија, додека концертните ангажмани ги продолжува во февруари со настапот во Нови Сад како солист на Војводинската филхармонија со диригентот Габриел Бебешелеа, три концерти во Балтимор со Симфонискиот оркестар од овој американски град под диригентската палка на Кристијан Мачелару (на програмата е Концертот за пијано и оркестар број 1 од Сергеј Рахманинов) и две вечери во Салата „Бетовен“ во Штутгарт, Германија како солист на Штутгартскиот филхармониски оркестар со маестро Јан Вилем Де Фриенд зад диригентскиот пулт (во изведбата на пијано концертот од Григ со кој Трпчески блесна придружуван и од Македонската филхармонија на незаборавниот концерт со кој нашата музичка институција го одбележа својот 80-годишен јубилеј).