Симевски: Мора да направиме попис, на државата ѝ требаат податоците


Она што Евростат го налага за земјите членки на ЕУ и државите  кандидати е пописот да биде спроведен во 2021 година. Ние мораме да направиме попис, не заради Евростат, ниту за Обединети нации, туку заради нас. На оваа држава и требаат податоците, ги немаме 18 години. Ние 18 години планираме без информации, изјави за ТВ 24 Апостол Симевски, директор на Заводот за статистика.

Тој вели оти е неспорно дека се доцни со носењето на законот, но тоа, како што рече, не значи дека нема време да се спроведе пописот.

– Сите подготовки течат и трошењето на финансиските средства оди независно од законот. Буџетот и трошењето на средствата не се врзува со носењето на законот, посочи Симевски.

Информира дека веќе е набавена целата опрема, која е во Заводот, и оти софтверското решение е завршено.

– Оние главните компоненти пред започнувањето на самата операција на терен се веќе реализирани. Она што ни е важно и врзано со законот, е организацијата на теренот, подготовката за спроведување на терен. Треба да се формираат реонските пописни комисии кои овојпат ќе имаат логистичка улога, рече Симевски.

Според него, за да се спроведе цела оваа операција потребен е голем простор каде што ќе може да се изврши селекција на учесниците во пописот и нивна обука. Обуките, информира дека ќе бидат во март.

Тој појаснувајќи го Законот за попис, посочи дека со пописот ќе бидат опфатени државјани на Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во државата, без разлика дали се тука или во странство во моментот на пописот, странски државјани кои престојуваат во државата, со одобрение за престој и лица без државјанство кои во моментот на спроведување на пописот се затекнати во државата.

Прашањето за етничка припадност, како што посочува, ќе биде дел од пописот.

– Во законот каде се групирани белезите по нивните карактеристики стои и етнички карактеристики. Дел од пописот е мајчиниот јазик и јазикот на кој се говори во домаќинството и ќе има белег за религиозната припадност, соопшти Симевски.

Додаде дека од големината на пописниот реон, бројот на населените места и населението пред се зависи и бројот на учесниците во пописот.

– Колку повеќе населени места и поголем број население, толку и поголем број на попишувачи ќе има, рече Симевски, додавајќи дека целокупната територија на Република Северна Македонија е поделена и во пописни кругови – со кои се дефинира бројот на објекти, односно на станови.

Според Симевски, овој метод на попис дава можност за далеку подобра контрола на квалитетот и опфатот на податоци. Информира дека веќе се направени електронски мапи кои ќе бидат така конципирани апликативното решение да каже точно што се завршило.