Силвестри : Европското чекорење на земјите кандидатки треба да се држи настрана од проблематики вкоренети во историјата
Италија се бори со сите сили во Советот на министри што е можно побрзо да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија, посакува надминување на моменталната блокада, која настана по бугарското вето и апелира на здрав разум до сите.
Ова во интервју за МИА го порача новоименуваниот италијански амбасадор во земјава, Андреа Силвестри, кој нагласи дека неговата земја е уверена оти иднината на Северна Македонија, како и на другите земји од Западен Балкан е во Европа и дека влезот во ЕУ за регионот ќе донесе стабилна иднина и благосостојба.
Во врска со спорот со Бугарија и дали треба да се дозволи праксата историски и билатерални прашања да бидат причина за блокирање на евроинтеграцијата, Силвестри потенцира дека и покрај целосното разбирање за важноста на билатералните прашања, остануваат цврсто убедени дека европското чекорење на земјите кандидатки треба да се држи на страна од проблематики вкоренети во историјата.
Италија со многу храброст и далековидост се справила со своето минато, како земја, која во текот на Втората светска војна беше дел од Тројниот пакт и, како што вели Силвестри за МИА, со барање да се издејствува правда за секој што претрпил неправда и бил обесправен, и на меѓународен и на внатрешен план. Изградбата на италијанската модерна демократија, додава тој, потекнува токму од овие процеси. Силвестри нагласува дека ЕУ низ историјата била рамката, со нивните соседни земји да обезбедат мир, добросостојба и заедништво, но и нивните граѓани денеска да се чувствуваат не само како Италијанци, туку и како Европејци.
Додава дека историските процеси треба да им се доверат на историчарите, со цел да се избегнат можни политизирања и поларизации кои воопшто не помагаат при дефинирање на неутрални и споделиви анализи.
За можностите за унапредување на билатералната соработка, италијанските директни инвестиции, но и како ковид кризата влијае врз таа соработка, меѓу другото зборуваме со италијанскиот амбасадор во интервјуто за МИА. Силвестри се осврна и на состојбата со Ковид-19 во моментов во неговата земја, апелирајќи дека сега се наоѓаме во фаза, која треба да се управува со интелигенција и мудрост.
Во продолжение следува целото интервју со италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.
Господине Силвестри неодамна го почнавте вашиот мандат како амбасадор на Италија во Северна Македонија, пристигнавте во исклучително важен момент за земјата, пред Советот за општи работи на 17 ноември, на кој се соочивме со вето од Бугарија за почеток на преговорите. Какви се Вашите очекувања и прогнози за декемврискиот состанок во однос на можноста Северна Македонија до крајот на годината да ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ?
Благодарение и на нашата децидна поддршка, минатиот март Европскиот Совет го призна досегашниот прогрес на земјава и одлучи да ги отвори пристапните преговори. Се работи за една многу важна политичка одлука која што веќе е донесена и која што сега ќе треба да се имплементира преку серија на чекори.
Во вакви прилики, ние, Италија, се бориме со цел во Советот што е можно побрзо да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија, за понатаму да може да се свика и првата меѓувладина конференција. Тоа што најмногу го посакуваме е надминување на моменталната блокада во најскоро можно време и за таа цел апелираме на здрав разум до сите.
Каков е ставот на Италија за процесот на проширување на Унијата со Северна Македонија, но и останатите земји од Западен Балкан?
Италија отсекогаш цврсто го поддржувала чекорењето на Северна Македонија кон европската интеграција. Секогаш сме ја давале таквата поддршка и ќе продолжиме и понатаму. Всушност, убедени сме дека иднината на Северна Македонија, како и на другите земји од Западен Балкан, е во Европа и дека влезот во ЕУ за регионот ќе донесе стабилна иднина и благосостојба.
Дали според Вас треба да се дозволи праксата историски или билатерални прашања да го блокираат процесот на евроинтегрирање на Северна Македонија, но и на целиот регион на Западен Балкан?
И покрај целото разбирање за важноста на билатералните прашања, остануваме цврсто убедени дека европското чекорење на земјите кандидатки треба да се држи на страна од таквите проблематики вкоренети во историјата.
Што би значело евентуалното одложување на преговорите за Северна Македонија, но и за регионот на Западен Балкан?
Сметаме дека проширувањето со земјите од Западен Балкан претставува историска можност за дефинитивно раскрстување со поделбите од минатото и обединување на сите членови на европското семејство. Следствено, покрај тоа што е во интерес на Западен балкан, пристапувањето на Северна Македонија и другите земји од регионот е исто така и во интерес на самата ЕУ. Се работи за долготраен процес кој би можел да се соочува со задоцнувања и забрзувања, но насоката на таквиот процес за нас е веќе обележана.
Амбасадоре неминовно е тука прашањето за историјата и барањата на Бугарија во однос на толкување на едно не толку далечно минато, Втората светска војна. Вашата земја беше дел од Тројниот пакт, никогаш тоа не е негирано, напротив е апсолвирано како дел од историјата, од грешките се учи. Вашата земја денеска е еден од столбовите на демократијата во Европа. Како Вашата земја се справи со тоа минато, како се издигнавте, како во текот на годините ги подобрувавте односите со соседите, но и пошироко?
Веднаш после војната дојде на ред прашањето како да се надминат конфликтите од минатото, како со другите земји така и внатре во нашата татковина. Истото го направивме со многу храброст и далековидост, барајќи да издејствуваме правда за секој што претрпил неправда и бил обесправен, и на меѓународен и на внатрешен план.
Истовремено Републиката (која ја избравме во 1946 година наспроти претходниот монархиски режим) гарантираше слобода, демократија и економско-социјален прогрес на сите нејзини граѓани. Изградбата на нашата модерна демократија потекнува токму од овој процес.
Што се однесува пак до надворешните работи, откако се дефинираа со соодветни договори прашањата од минатото, се насочивме, заедно со нашите соседни земји, кон изградба на една заедничка рамка, Европската Унија, која не само што ни обезбеди мир, туку и добросостојба и заедништво. Перкурс кој и те како придонесе нашите граѓани денес да се чувствуваат не само како Италијанци, туку и како Европејци, на исто ниво со Германците, Французите и другите народи од Унијата.
И во двата случаеви, се работи за процеси во кои бездруго и самото време одиграло важна улога.
Дали треба да ја менуваме историјата за да се чувствуваме подобро или поголема доблест е да се прифатат грешките од минатото и да се живее во сегашноста на 21. век?
Секако, освртот кон минатото има одредена важност и заради подобро разбирање на некои епизоди кои би можеле да изгледаат контроверзно. Со исклучок на евентуалните утврдувања на одговорност пред судските истанци (онаму каде сеуште е неопходно), се работи сепак за процеси кои подобро е да се доверат пред се на историчарите и тоа заради избегнување на можни политизирања и поларизации кои воопшто не помагаат при дефинирање на неутрални и споделиви анализи.
Во секој случај, едно е историјата и нејзината интерпретација, а друго е волјата за надминување на спротивставените ставови од минатото и создавање на сегашност и задничка иднина за нашите народи. Цел која првенствено им ја должиме на нашите идни поколенија кои природно се чувствуваат проектирани во една поглобална димензија.
Северна Македонија и Италија имаат долгогодишна билатерална соработка. Италија е меѓу првите десет трговски партнери на земјава, имаме соработка во сферата на градежништвото, земјоделството, текстилната индустрија, обработка на метал, но и во секторот за обновливи извори на енергија, колку корона кризата влијаеше врз економската соработка меѓу двете земји?
Во 2019 година Италија стана петти по ред трговски партнер на Северна Македонија, со вкупна трговска размена од 645 милиони евра (5 отсто пораст во однос на претходната година). Оваа година се забележува опаѓање, и во увозот и во однос на извозот, но тоа е феномен што во најголем дел се должи на ковид кризата и соодветствува на една генерална тенденција во Северна Македонија, заради што се надеваме дека набрзо ќе се опоравиме.
Каква е состојбата во италијанските директни инвестиции во земјава и што да очекуваме во оваа насока во блиска иднина?
Како што самите Вие напоменавте, веќе сме доста присутни во земјава со бројни мали и средни, но и големи претпријатија и тоа во широк спектар на сектори: автомотив и компонентистика, земјоделско-прехрамбен, градежништво и лесна индустрија поврзана со традиционалните сектори на “Made in Italy” , како и енергетскиот, во смисол на обновливи енергии.
Според Народната Банка на Северна Македонија, акциите на италијанските директни надворешни инвестиции (IDE) кон крајот на 2018 г. изнесуваа 122.7 милиони евра, додека пак приливот на италијанските IDE во 2019 изнесуваше 15,79 милиони евра. И покрај пандемијата, во првиот семестар на 2020 во Северна Македонија беа регистрирани италијански директни инвестиции во вредност од 4.52 милиони евра, податок кој што е на иста линија со тенденциите од претходните години и кој што го потврдува интересот на италијанските претпријатија за вашиот пазар.
Сепак, убедени сме дека може да се стори многу повеќе. Италија и Северна Македонија се всушност природни партнери и од географска/логистичка гледна точка (низ вашата земја проаѓа Коридорот 8 кој на запад гледа спрема Италија).
Во оваа фаза, во Италија постои голем интерес и внимание кон можностите што се отвораат во Северна Македонија на полето на инфраструктурите (особено транспортот), на енергетското поле, но и во областа на одбраната и со нејзе тесно поврзаните сектори. Секако, тука е и промовирањето на соработката и размената во земјоделско-прехрамбениот сектор, кој во последните години кај нас е во огромен пораст и кој што има огромен потенцијал и кај вас, а вреди да се спомене и секторот туризам.
Освен економската, во кои сфери гледате можност за зајакнување на билатералната соработка?
Постојат повеќе сфери за поголема соработка. Тука пред се мислам на културата, со оглед на нашата историска блискост и антрополошки афинитет.
Од моето скорешно пристигнување, уште веднаш сфатив со колкави симпатии се гледа кон нашата култура. Италијанскиот јазик е еден од најстудираните странски јазици на универзитетите и е веќе воведен како втор странски јазик што може да се изучува во вашите основни и средни училишта. Ова е особено важно затоа што голем број млади од земјава, ги започнуваат или продолжуваат своите студии при одличните италијански високо образовни институции, патем стипендирани од Италијанската Влада или Регионите. Таквите високо квалификувани млади лица претставуваат богат човечки ресурс во економскиот и целокупниот развој на Северна Македонија.
Овде може да ја споменам и веќе одличната директна соработка помеѓу бројни универзитети и културни институции од двете земји, со постојана размена на научно-наставен кадар, споделувања на искуства и знаење и користење на Еразмус програмите за отворање на европските можности за македонските студенти. Ова е само дел од културната соработка што постојано ја негуваме со вашата земја.
Ќе продолжиме да работиме на ова поле со голем ентузијазам, заедно со катедрата по италијански јазик, Институтот Данте Алигиери во Скопје и Здружението на професори по италијански јазик во Република Северна Македонија.
На иституционален план, веќе неколку години работиме на поддршката кон вашите институции со цел да се зајакне капацитетот за борба против организираниот криминал, тероризмот и корупцијата. Секако дека имаме намера да продолжиме, убедени дека димензијата на владеење на правото е мошне значајна во развојот на земјата и нејзиното приближување кон Европа.
Од понеделникот почна Петата Недела на италијанска кујна организирана од Северна Македонија. Темата оваа година е „Искуства и вкусови од италијанските територии, 200 години од раѓањето на Пелегрино Артузи“, може ли малку повеќе да ни појасните за оваа манифестација и како ја прилагодивте на моменталната состојба со Ковид-19?
Овогодишното издание на Неделата на италијанска кујна во светот, кое започна пво онеделник, а се затвори вчера има за цел да ги валоризира богатството и вариететот на кулинарските традиции на нашите региони, како и благодејствието и одржливоста на цел еден асортиман, базиран врз употреба на врвни локални и сезонски продукти.
Италија е земја со најголем број на прехрамбени продукти и вина во Европа со ознака „Заштитено“ (преку 800) и е прва во Европа по број на биоземјоделски претпријатија. Италија е татковина на здравиот и одржлив модел за начин на исхрана и за “Slow food” култура.
Целта е македонскиот конзумер да се запознае со автентичните Made in Italy прехрамбени продукти и вина, како и да ја валоризира социјалната и културната димензија на нашата еногастрономска традиција. За да се постигне сето ова, Амбасадата на Италија, заедно со Агенцијата за надворешна трговија на Италија во Скопје, организираа особено богата програма која што претежно се одвива онлајн, секако заради ограничувањата наметнати од пандемијата.
Организиравме мастерклас за обука на агенти на големите дистрибутери како и за учениците на средното угостителско училиште „Лазар Танев“ од Скопје.
Во соработка пак со катедрите за италијански јазик и литература при УКИМ и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Институтот Данте Алигиери од Скопје, креиравме вебинари посветени на важната улога и значењето на италијанската кујна во литературата, за што сведочи и делото „Науката на кулинарството и уметноста на доброто јадење“ на врвниот италијански гастроном и основач на модерната италијанска кујна, Пелегрино Артузи, во чие што сеќавање – по повод 200 години од неговото раѓање – е и овогодишната тема на Неделата на италијанската кујна.
За крај, за време на викендов во скопскиот парк, македонските конзумери имаат прилика да пробаат автентична наполитанска пица направена со италијански намирници, а истото ќе се одвива согласно воведените антиковид мерки.
Кога сме кај Ковид-19, Италија во март беше најпогодената европска земја, како се справувате сега со есенскиот бран на вирусот, дали најновите мерки кои ги воведе Владата на Џузепе Конте вродија со плод?
Искуството од првата наезда овозможи нашата Влада да подготви соодветно искалкулирани мерки со цел да се справи со вториот бран. Во пресрет на зголемувањето на случаи на заразеност во зимската сезона, воведена е цела серија на ограничувања, со поинакви степени на ригорозност, во зависност од регионот, т.е. во зависност од распространетоста на заразени случаеви.
Таквите мерки ги даваат и првите резултати: прво, дојдовме до стабилизација на случаевите, а потоа и до опаѓање на процентот на новозаразени. Сепак во оваа фаза, и во пресрет на божиќните и новогодишните празници, не треба да се опуштаме. Треба да се продолжи со почитување на правилата и мерките и да се воздржуваме од социјални контакти во догледно време, затоа што вирусот нема да биде уништен се додека вакцините не се поделат адекватно меѓу популацијата. Се’ на се’, се наоѓаме во фаза во која што треба да се управува со интелигенција и мудрост.