Силва и Вархеи утре во Софија и Скопје ќе понудат пакет за решение
Европската двојка утре претпладне прво ќе разговара со челниците во Софија, а попладнето со македонските раководители во Скопје
Португалскиот шеф на дипломатијата, Аугусто Силва, и еврокомесарот за проширување утре во шатл дипломатија треба да ги приближат ставовите на Скопје и Софија околу бугарската блокада за да може во јуни да се донесе одлука за првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија. Што има во нивните папки сѐ уште не се знае, но очигледно дека овој проблем станува прилично голем за Унијата затоа што уште една бугарска на европскиот пат на Македонија ќе биде голем удар за довербата на ЕУ во регионот.
Според најавата на Европската комисија утре наутро, Вархеи и Сантош ќе бидат во Софија каде што ќе се сретнат со бугарскиот претседател Румен Радев, како и со премиерот и министерот за надворешни работи на техничката влада.
Попладнето во Скопје тие ќе се сретнат со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, и министерот за надворешни работи и вицепремиерот за европски прашања.
„Официјалното започнување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија е централен приоритет на ЕУ и организацијата на првите меѓувладини конференции треба да се случи што е можно поскоро по усвојувањето на соодветните рамки за преговори од Советот“, се вели во коминикето на португалското претседателство со Советот и Европската комисија.
Минатата недела, на крајот од состанокот на шефовите на дипломатиите на ЕУ во Брисел, на кој меѓу точките на дневниот ред имаше политичка дебата за Западен Балкан, министерот Аугусто Сантош Силва ја повтори цврстата намера на португалското претседателство да се донесе одлука за формално отворање на преговорите со Скопје и Тирана.
„Во дискусијата за Западен Балкан, како што знаете, ние имаме свои одговорности како претседателство на Советот во спроведувањето на досието за проширување и вложуваме максимални напори во јуни да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, одобрувајќи ја рамката за преговори за да можат да започнат преговори со овие две земји“, изјави тогаш Силва.
Без оглед што во Бугарија има техничка влада, а нови избори се закажани за 11 јули во Брисел и важните европски метрополи преовладува ставот дека проблемот со почнувањето на преговорите со Македонија и Албанија треба да се реши за време на португалското претседателство и дека веќе не треба да се чека. Затоа што недонесувањето одлука во јуни целиот процес може да се одложи за најмалку една година.
Премиерот Заев вчера од Брисел најави дека се подготвува ваква посета во пресрет на одлучувачкиот Совет за општи работи на ЕУ на 22 јуни кога ќе се одлучува за усвојување на преговарачката рамка и првата Меѓувладина Конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија, со што би започнале и формално преговорите за членство во ЕУ година и половина откако беа одобрени.
Зоран Заев вчера за МИА изјави дека смета дека има доволно време да се постигне напредок на релација Скопје-Софија, но дека не сака ниту да ги зголемува очекувањата на граѓаните бидејќи Бугарија и натаму располага со право за вето во Советот на ЕУ.
Заев во изминативе десетина дена беше на два пати во Брисел каде што се сретна со сите клучни луѓе на Европската унија и таму ги претстави македонските позиции. За време на посетата на Атина и разговорите со Киријакос Мицотакси тој изјави дека грчкиот премиер има некои идеи како да се најде излез од блокадата.
Во таа насока, веројатно, разговарале и бугарскиот претседател Румен Радев и Мицотакис во нивната телефонска размена на мислења. Според соопштението на кабинетот на Радев потребна била непоколеблива поддршка за спроведување на неопходните реформи во земјите-кандидати за исполнување на критериумите од Копенхаген за пристапување во ЕУ, како и вистински добрососедски односи. (Н.В.)