Силните аргументи на Ахмети


ЕРОЛ РИЗАОВ

Во блиска иднина неговите максималистички барања, кои не соодветствуваат на реалните односи на силите на етнички план на кои сега инсистира, лесно можат да бидат сериозен аргумент за една сосема поинаква коалиција на граѓаните по национална основа пред избирачките кутии

 

Не е познато дали и на последната средба Али Ахмети ги доби  силните аргументи што ги побара од својот коалициски партнер Зоран Заев зошто тој треба да биде премиер, а не  кандидадот на ДУИ, Насер Зибери. Јавноста во Македонија не ги слушна  силните аргументи на Ахмети и зошто не може да биде премиер победникот на изборите или кој било од парламентарните партии кој ќе обезбеди мнозинство во Собранието.

Ахмети, се разбира и без да го праша Заев добро го знае одговорот, како и сите граѓани на Македонија, дека кандидат за  премиер може да биде Македонец, Албанец,  Србин, Турчин, Влав, Бошњак, Ром, Египќанин, Евреин… или кој било граѓанин од која било национална и верска припадност. Да, може да биде кандидат. Поточно, според Уставот секој кандидат може да биде и премиер, ако неговата партија победи на изборите, или попрецизно кажано, ако обезбеди 61 глас во Собранието. Доколку пак мисли дека и без мнозинството во парламентот може  да се обезбеди премиерски ротирачки, или целосен мандат само со притисоци и условувања во стилот двајца се караат третиот користи со тоа ги повикува сеништата на шовинизмот и радикалниот национализам од минатото. Ахмети со цврстиот став и нереални условувања го става на голем  ризик сето она што е постигнато во изминатите 30 години во Македонија во меѓуетничките односи, доведувајќи ги во прашање и неговите лични заслуги и на ДУИ.

Али Ахмети се потпира на изборни математики тргнувајќи од последните изборни резултати, неводејќи притоа сметка за последиците. Во блиска иднина неговите максималистички барања, кои не соодветствуваат на реалните односи на силите на етнички план на кои сега инсистира, лесно можат да бидат сериозен аргумент за една сосема поинаква коалиција на граѓаните по национална основа пред избирачките кутии.

Каков ќе биде тогаш адутот на Ахмети за демократското право според бројот на пратенци кои го формираат мнозинството ако подолго време една или друга политичка партија со мнозински македонски предзнак добива над 60 или осумдесет пратенички места. Дали тоа не е сечење на гранката на која сега седат прилично комотно Ахмети и ДУИ. Кои ќе бидат тогаш силните аргументи ако бидат поканети куртоазно во коалиција сразмерно на изборните резултати.

Коалциски влади се најголемиот тест за државничка мудрост, искуство, толерантност, меѓусебна доверба и вистинско партнерство во интерес на сите граѓани. Лидерството засновано на преданост за остварување на интересите на сите граѓани и на државата не се создава со изнудени придобивки во пазарење за власт и со условувања кога сте јазиче на кантарот.

Долг е процесот на стекнување доверба меѓу Македонците и Албанците, на создавање амбиент во кој граѓаните ќе ги бираат најдобрите кандидати за сите функции без оглед на нивната национална и верска припадност. Ваквите предлози се лош почеток за тие процеси, соопштени во предизборна кампања како гром од ведро небо за Албанец премиер, а не кандидат за премиер. Вознемирувачки за најголемиот дел од јавноста е  исклучивоста и начинот на кој се елиминира победникот на изборите, што директно задира во политичкиот поредок во земјата.

Ваквата карикатурална парламентарна демократија, која наликува на политичка пародија е мачната и загрижувачка реалност во која се најде Македонија, а која ја приредија ДУИ и Ахмети во предизборната кампања со максималистичкиот став за Албанец премиер, од која сега Ахмети се извлекува со лицемерие дека ќе ги почитува државните интереси со тоа што и натаму останува на ставот дека ништо не му фали на Насер Зибери да биде премиер, иако нема ни четвртина од потребното мнозинство.

Да, на Зибери не му фали ништо освен уште 46 гласа на пратеници, точно колку што има СДСМ заедно сосе Заев кои треба да дадат зелено светло, да гласаат за дестабилизација на државата со исполнување на желбата на Ахмети. Точно е и тоа дека и пратеничките гласови на ДУИ на Заев му фалат за мнозинство, но колку и да се вредни, не можат да бидат уценувачки до тој степен на уривање на парламентарниот систем и на Уставот.

Менувањето на општествено-политичкиот поредок на преговарачка маса за формирање на коалициска влада е отворен  повик на меѓуетнички конфликти. Обидите тоа да се направи наводно по „мирен пат“ со преговори кои не ги почитуваат изборните резултати, туку со притисок и уцени во една кризна ситуација каква што е во Македонија во ек на пандемија и економска криза, директно насочена против интересите на државата во година кога треба да почнат преговорите со ЕУ и во една земја членка на НАТО, е акт на закана кој означува подривање на  системот и многу поголема криза и од пандемијата и од економскиот колапс.

Дури и да се најде компромисно решение ваквиот ултиматум ќе има далекусежни последици во меѓуетничките односи и во иднина бидејќи влегуваат во колективното паметење на граѓаните и ќе бидат предмет на национална хомогенизација на секои наредни избори без оглед каков ќе биде изборниот модел. Разгорувањето на национализмот со радикални барања веќе и кај Македонците и Албанците и другите националности кои ги поддржуваа значајните придобивки од храбрите решенија за соживот и едно општество за сите, предизвикуваат сомнеж и револт за ваквите идеи, бидејќи во тоа препознаваат многу подлабоки  причини отколку  именувањето на Албанец премиер, со 15 гласа во парламентот.

Уцените при секои избори присутни за состав на коалициски влади, и без овој нов услов за Албанец премиер, исто така, не ги подобруваат ни меѓуетничките односи, ни партнерството во владата. Напротив, тие ги влошуваат. Пазарењата за власт, моќ и пари повеќе наликуваат на кавга за поделба на воен плен, отколку на сериозна одговорност на народните избраници за состав на влада и преземање на одговорноста за раководење со  институциите на системот и на јавните компании, за гаранција на независноста на правосудниот систем и владеење на правото и слободата на медиумите со назначување на компетентни, искусни и докажани личности без оглед на нивната национална припадност.

Дури и политички аналфабети знаат дека не може во коалициски влади и премиерската функција и претседател на Собранието да биде од иста политичка партија, не може и министер за финансии и гувернер да биде од иста партија, не може директорските места на државните компании да ги заземаат луѓе кои првпат во животот се соочуваат со стручна проблематика за која немаат поим. Партиски активисти кои не знаат да изговорат течно две реченици сѐ уште се назначуваат за министри, амбасадори, директори, членови на управни одбори, а возачката дозвола, националната и партиската припадност се главното сведетелство за министер за сообраќај или која било  стручна позиција.

Повторно во Македонија е лимбо состојба со единствена надеж на граѓаните дека некој од надвор ќе ни ги средува работите се до денот кога ќе ги кренат рацете од нас и ќе оценат дека државата не е функционална што неминовно ќе води кон распад. Останува малку време и Али Ахмети и Зоран Заев и Христијан Мицкоски и Зијадин Села и Африм Гаши и сите преостанати политички лидери на парламентарните партии заедно со избраните пратеници со верификувани мандати да престанат да ги бројат само македонските и само албанските гласови, туку да се пребројат самите кои се за европска Македонија, а кои за власт. Сериозноста на ситуацијата и одговорноста што ја имаат за иднината на државата и на граѓаните налага да ги стават државните интереси над партиските и личните.

Пост фестум расправите кој бил повеќе, или помалку е виновен, како и за распадот на Југославија, ќе немаат никакво значење.