Силни турбуленции на летот од САД за Германија, седуммина повредени


Седум патници се повредени откако летот на „Луфтханза“ над САД го погодија силни турбуленции, јавуваат американските медиуми. Авионот летал на релација Остин-Франкфурт, а турбуленциите почнале над американската сојузна држава Тенеси.Седуммина се повредени и се пренесени во болница.

Авионот принудно слетал на аеродром во предградие на Вашингтон, во 21.12 часот по локално време, а од „Луфтханза“ не го коментираа случајот.

Секоја година во САД околу 65.000 авиони забележуваат умерени турбуленции, а околу 5.500 доживуваат сериозни турбуленции. Изгледа бројките ќе растат, затоа што стручните лица веруваат оти климатските промени ги менуваат воздушните турбуленции.

„Направивме некои симулации и откривме дека сериозните турбуленции може двојно да се зголемат во следните децении“, рече Пол Вилијамс од Универзитетот „Рединг“ во Велика Британија.

Паралелно стигна и веста дека тешки турбуленции имало и на лет на авиокомпанијата „Кондор“ од Франкфурт, Германија, до Маврициус, при што биле повредени 20 лица. Меѓу повредените има патници и членови на екипажот.

Летот „ДЕ 2314“ ја напушти Германија синоќа. Авионот со 272 патници и 13 члена екипаж, го погодија турбуленции околу два часа пред да слета на аеродромот близу главниот град на Маврициус, Порт Луис, во Индискиот Океан.Ави онот безбедно слетал рано утрово.

Според гласноговорникот на „Кондор“, има и оштетувања во внатрешноста на авионот, за што допрва ќе следат проверки и проценки.