Силни експлозии во Киев, нападот „исклучително интензивен“


Киев синоќа беше цел на руски воздушен напад, што украинските власти го оценија како исклучително интензивен.

Тоа е осми таков напад врз главниот град на Украина овој месец. Воздушната тревога сега е укината низ целата земја.

– Нападот беше исклучителен по својата интензитет, максимален број проектили во најкраток временски период, изјави шефот на градската воена управа на Киев, Серхи Попко.

Тој додаде дека „според прелиминарните информации, огромното мнозинство на непријателски цели во воздушниот простор над Киев (биле) откриени и уништени“.

Во моментов не е јасно колку точно објекти се соборени над Киев и дали некои од нив ги погодиле предвидените цели. Според претставници на локалните власти, Русија користела беспилотни летала, крстосувачки ракети, па дури и балистички ракети.

Воздушна тревога синоќа беше прогласена низ цела Украина. Во Киев се слушнале силни експлозии. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека во нападите повредени се три лица.