Силна порака на Михаел Рот: ЕУ мора да се држи до своите ветувања


По вчерашниот состанок на шефовите на дипломатиите денеска министрите за европски работи на земјите членки на ЕУ се собраа на средба на Советот за општи работи, на кој ќе се расправа за проширувањето на Унијата, за координацијата во справувањето со пандемијата со Ковид-19, како и за Конференцијата за иднината на Европа. Со состанокот претседава Ана Паула Закаријас, државен министер за европски работи на Португалија. Ова е прва средба на европските министри оваа година која е со лично присуство, а преку онлајн конференции.

На состанокот, кој е подготовка за самитот на лидерите закажан за 24 и 25 мај, ќе биде отворено и прашањето за првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија. Пред почетокот на средбата германскиот министер за Европа, Михаел Рот, својата изјава ја посвети целосно на прашањето на Македонија и Албанија, велејќи „Македонија и Албанија веќе испорачаа, затоа ЕУ мора да испорача сега и веднаш“.

Според Рот, ситуацијата во Западен Балкан останува фрагилна. „ЕУ мора да се држи до своите ветувања. Ние мора да ги зголемиме нашите обврски. Македонија и Албанија веќе испорачаа, затоа Европската унија мора да испорача сега и веднаш. ЕУ мора да ги почне преговорите со Македонија и Албанија што е можно поскоро. Јас се надевам дека билатералните прашања може да ги решиме на билатерално ниво, а не да се оди на ЕУ-ниво. Ова е посебна одговорност на 27-те земји членки на ЕУ и Европската унија и Германија се посветени да испорачаат. Време е за тоа, се надевам дека ќе имаме добра и конструктивна расправа“, рече Михаел Рот пред состанокот. (Н.В.)