Силна поддршка на Трајко Славески за албанската академија во формирање
Членот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ идејата ја нарекува Научно-уметничко друштво со седиште во Тетово
Поранешниот министер за финансии, сегашен претседавач на Советот на Град Скопје и влијателна личност во раководството на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, е првиот политичар од македонскиот блок кој без двоумење ја поддржа иницијативата на партнерите од коалицијата „Вреди“ за отворање на албанска академија на науките и уметностите. Но Славески го нарекува „Научно-уметничко друштво“. Оваа етничка „академија“ треба да биде финансиски поддржана од четири општини каде градоначалници има „Вреди“ – Тетово, Гостивар, Чаир и желино.
„Силно ја поддржувам иницијативата за основање на Научно-уметничко друштво (НУД) со работен наслов ‘албанска академија на науките и уметностите” со седиште во Тетово. Науката треба да се поддржува како замаец на прогресот во едно општество. Сигурен сум дека и ова НУД може да придонесе за јакнење на свеста за важноста на науката, а низ конкретни проекти да даде продонес во општествената сфера и развојот на економијата и индустријата во нашата земја“, пишува Славески на Икс.
Тој прави паралела со слично научно-уметничко друштво од Битола.
„Новото Научно-уметничко друштво со седиште во Тетово би требало да добие поддршка од веќе постојното слично научно-уметничко друштво со седиште во Битола. Друштвото за наука и уметност од Битола е основано во април 1960 година, а подоцна беше преименувано во Македонско научно друштво – Битола. Претставува стожер на научно-истражувачките и уметнички активности во Пелагонискиот регион. Што се однесува до тетовското научно-уметничко друштво (во основање), би било добро тоа да се отвори и за членови од другите етнички заедници од Полошкиот регион, каков што е случајот и со битолското друштво за наука и уметност. Втората препорака се однесува на потребата поактивни во процесот на основање да бидат научниците и уметници од албанската етничка заедница, а не претставници од одредени политички партии“, вели Славески.
Тој тврди дека МАНу не е центарот на науката во Македонија, туку дека тоа се универзитетите.
„Политичарите кои ја поддржуваат иницијативата се расфрлаат со ненаучни тези. Ќе издвојам една дека, наводно, МАНУ била центарот на науката и најпродуктивната научна институција во земјата. Не е! Научно докажано, тоа се нашите универзитети. А на колегите научници и уметници, асоцирани околу НУД Тетово, им посакувам среќен почеток и плодна научно- истражувачка и уметничка дејност“, вели Трајко Славески.