Силна олуја во Атина: Гром удри во Акропол, четворица завршија во болница


Од удар на гром во Акрополот во текот на денешната олуја во Атина повредени се четири лица, пренесуваат грчките медиуми.

Во ударот од гром скршен е прозорецот од чуварската куќичка, па две жени и двајца чувари кои биле во куќичката поради полесни посекотини се пренесени во болница.

Жените по прегледот се пуштени, а чуварите се задржани од превентивни причини.

Древните храмови Партненон и Ерихтејон не се оштетени, бидејќи громот удрил во громобран кој е одделен од градбите.

Инаку, во последните 24 часа во Атина има интензивни врнежи придружени со молњи. Националната опсерваторија за временски услови соопшти дека во последните неколку дена регистрирани се илјадници молњи на небото над Атика.

Поројни дождови и грмотевици проследени со град се очекуваат до раните утрински часови, а вечерва во Атина се очекуваат силни врнежи веројатно придружени со бура.