Сиљановска за УКИМ: Не можам да живеам без образованието и науката, без правото и правдата


Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчеравечер се обрати на свечената академија по повод 75-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и одбележувањето на патрониот ден на Универзитетот.

Притоа таа оцени дека УКИМ е во хармонија и е сраснат со македонската држава, дека беше и остана alma mater на генерации кои станаа со знаењето потолерантни, компетитивни, оставија траги овде, а оставаат траги и по светот. Според неа, судбина на нашата држава е да биде тесно поврзана со најстариот универзитет, со УКИМ, и обратно –  УКИМ секогаш ги чувствува предизвиците низ кои минува нашата држава и се уште минува.

„Веќе неколку години по ред, УКИМ е меѓу најдобрите 2.000 светски универзитети. Но беше и многу повисоко. Не можам, а да не кажам дека да се биде меѓу двеилјадитите е охрабрувачки, меѓутоа ако фрлиме поглед на регионалниот и европскиот контекст, ќе видиме дека состојбата не е многу сјајна. Затоа јас посакувам УКИМ да не биде само единствениот македонски универзитет на оваа ранг-листа, туку да се качи погоре на Шангајската листа“, порача претседателката.

Според неа шанси за тоа има бидејќи одговорна држава ќе вложи во образованието и во науката.

„Во образованието, науката и културата нема мали и големи држави. Да не си го дозволиме луксузот да бидеме на крајот од оваа листа. Мислам дека оваа дилема ја поставувам не само како претседателка, туку како професорка која не може да живее без образованието и науката, без правото и без правдата.Причините за ваквите состојби се многу. Меѓутоа, мислам дека ни се потребни вистински реформи. Реформи што нема да завршат како слепи улици. Уште еднаш повторувам – одговорна власт ќе сфати дека нема подобра инвестиција од онаа во образованието и истражувањето. Развојот се темели и ќе остане да се темели на доброто образование. Јазот помеѓу образовните профили и реалните потреби на пазарот на трудот јасно ни е дека се зголемуваше. Некои научни области и многу од нив останаа запоставени“, оцени Сиљановска.

Според бнеа, потребно ни е да ја одбраниме и слободата и без неа нема без критичка мисла.

„Образованието е каналот, образованието е институцијата, образованието е домот во којшто идеалите ќе ги пренесуваме од една генерација на друга. Сите велиме дека училиштето и универзитетот се бедем на слободата и независноста. Нашите современи херои, вашите современи херои, драги студентки и студенти, треба да бидат учителите, наставниците, професорите. Тие имаат одговорност да создаваат генерации што ќе поставуваат прашања што ќе бидат критички, што ќе не критикуваат, што ќе бидат подобри од нас. А ние, заедно со нив, ќе нудиме одговори и решенија за предизвиците што ги носи иднината. Иднината, веќе ни се случува, таа е пред нашите очи’, порача Сиљановска.

Дигиталната трансформација која беше зачната на некои од врвните универзитети, ги трансформира сите универзитети, па и нашите, додаде таа. Според нејзината оценка на врвот на Шангајската, па и на секоја друга ранг-листа ќе опстанат оние универзитети што најбрзо и најдобро ќе се приспособат на дигиталната доба.

„Како ваша колешка свесна сум дека реформите бараат големи вложувања, бараат пожртвуваност, каква што впрочем демонстрираа патроните на нашиот универзитет – сесловенските и македонски просветители и светители, браќата Кирил и Методиј.Историчарите се согласни дека солунските браќа имале јасни инструкции од Византиската држава да ги описменат словенските народи за истите да не подпаднат под влијанието. Со други зборови, ако во Византиската држава, образованието било средство за ширење на политичкото влијание ние знаеме дека писменоста, образованието ниту е, ниту смее да биде средство за политички цели. Образованието е највисока цел. За оваа цел, мора да бидеме свесни и веднаш да се зафатиме со нејзино остварување“, порача претседателката.