Сиљановска во Краков се сретна со македонистите од Полска
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за време на престојот во Полска на 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц, го посети Јагелонскиот универзитет во Краков, една од најстарите високообразовни институции во Европа. На јагелонскиот универзитет има Лекторат по македонски јазик при и таму оствари средба со полски слависти и македонисти.
Македонистите вклучени во Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, говореа за културната и образовната размена меѓу двете земји, како и за македонско-полското пријателство. Воедно, тие укажаа на потребата од поголема државна поддршка во финансирањето на преводи и научни трудови од македонски на полски јазик и обратно.
Претседателката Сиљановска-Давкова го поздрави нивниот долгогодишен образовен ангажман во негувањето и промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура и изрази благодарност за посветеноста на полските македонисти во афирмацијата на македонската реч и мисла во меѓународната академска средина. Таа вети дека ќе се заложи за интензивирање на научната соработка, со што се релативизира далечината меѓу двете земји.
Покрај на Јагелонскиот универзитет, каде Лекторатот по македонски јазик е отворен уште во академската 1974/75 година, македонскиот јазик се изучува и на Факултетот за хуманистика во Сосновјец при Шлезискиот универзитет во Катовице. Македонскиот јазик како главен предмет се изучува и на Катедрата за словенска филологија при Универзитетот „Адам Мицкјевич“ во Познањ, а како втор предмет е воведен и на Универзитетот во Ополе.