Сиљановска: Уставниот суд е како закотвен брод во Вардар
Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, бара да се прецизираат одредбите кој може да биде уставен судија место фамозниот „истакнат правник“

Уставниот суд е најнереформираната институцијата во земјава, констатираше нејзиниот претседател Дарко Костадиновски на дебатата посветена на потребата од носење на закон за Уставен суд. Според него неприфатливо е тоа што уставотворците оставиле празнина, но воедно и тоа што самите уставни судии оставиле да не биде регулирано функционирањето.
„Се залагам за закон за Уставен суд, но не било каков закон, значи или со интервенција во Уставот да се даде уставен основ за двотретински закон или уставен закон за доконкретизирање на уставните одредби. Тоа се тие две можности. На нас ни треба двотетретинско мнозинство за да ни ја гарантира нашата самостојност, независност и упадите и можностите од политичко влијание. Се под двотретинско мнозинство е опасно за независноста и самостојноста на Уставниот суд“, рече тој.
Според него, една од најчестите критики за уставното судство во изминатите 34 години е начинот на избор на судиите, односно кој се може да биде уставен судија.
„Во моментов начинот на избор на судиите е скромно транспарентен. Граѓаните се лишени да знаат кои се кандидати, кои се избрани, па дури и како работат. Начинот на избор на уставните судии треба да биде нешто слично како се избираат членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), со претставување пред пратениците. Граѓаните да ги видат“, рече Костадиновски.
Актуелноста на оваа тема, според него, не е исчезната во период од 34 години, односно од донесувањето на нашиот Устав од 1991 година. Притоа, забележа дека не е невозможно да се конкретизира и објективизира што е тоа истакнат правник, односно да се прецизира кој се може да биде уставен судија.
„Ако побарате да набројам врвни уставни судии кои оставиле печат на уставната демократија, тоа се само околу петмина, рече претседателката Гордана Силјановска Давкова. Според неа голем дел од нив не биле истакнати правници туку партиски личности. Секаде во светот се плашат од хиперактивни уставни судови, а ние се молиме да биде активен“, критикуваше Давкова.
„Во Венецијанската комисија знаеле за Мирјана Трајковска, знаеле за Игор Спировски, меѓутоа за многу други не. Значи, не биле истакнати правници туку биле истакнати политички или партиски активисти и за заслугата добиле место во Уставниот суд. Во една прилика, цинично изјавив дека ме потсетува на закотвен брод во Вардар“, вели Гордана Сиљановска Давкова.
На дебатата свои воведни обраќања имаа и амбасадорите на САД Анџела Агелер, на Европската унија Михалис Рокас како и германската амбасадорка Петра Дрекслер.