Силјановска со парафот на Северна ги потпишува „натпартиските“

Македонија влегува во втората третина од кампањата за претседателските избори, чиј прв круг е закажан за 21 април. Реториката се заострува, политичките партии ги потиснуваат кандидатите за претседател, кои се обидуваат да остават слика на академски граѓани и колеги, кои ги прифатиле партиските машинерии како нужно зло. Свесни дека ширењето негативни информации за политичкиот противник е добитна карта само за тврдокорни гласови, претендентите за наследник на Ѓорге Иванов во вилата на Водно, се обидуваат да изманеврираат по некое движење во туѓиот двор, а притоа верните следбеници да останат зад нив.

Додека Стево Пендаровски најавува дека ако ја добие довербата на 5 мај ќе направи натпартиски форум на кој ќе се разговараат стратегиските прашања со задолжително учество на опозицијата, Гордана Силјановска-Давкова малку по малку го урива табуто за новото уставно име на нашата земја. Иако не се откажува од идејата доколку стане претседател да формира тело за преиспитување на спорните точки од договорот од Преспа, професорката, сепак, ја спушта топката и најавува оти нема да се однесува како сегашниот претседател, кој е и нејзин отворен поддржувач и не сака да чуе да стави потпис на документ на кој пишува Република Северна Македонија.

Името е правен факт, не само реален, новото име и јас ќе потпишувам. Едно е што ќе потпишувам, тоа е тоа што го усвоиле преку кршење на домашното и меѓународното право, а друго е јас што ќе правам лично“, признава Силјановска, велејќи дека договорот е асиметричен, а решението неприфатливо.

Кандидатот за претседател што е номиниран од страна на ВМРО-ДПМНЕ со ваквата изјава скокнува од шините по кои се движи партиското раководство, иако и во белиот дворец знаат да закочат и да изјават „оти не се талибанци, па сè што било да избришат, искинат, запалат и негираат, како што го направил тоа Зоран Заев“, алудирајќи на договорот од Преспа.

Професорот Јове Кекеновски, кој е дел од фракционерското крило на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека не е зачуден од стилот на водењето кампања на неговата колешка.

Тоа е дел од нејзината тактика. Кога се обидува да им се додвори на гласачите со вмровска провениенција, тогаш игра со тврда реторика, а кога сака да добие некој глас од неопределените, тогаш вели дека ќе го почитува Преспанскиот договор и реалноста без оглед дали ѝ се допаѓа. Тоа што го прави е непринципиелно, има само една основа цел и тоа популистичка – да собере што е можно повеќе гласови“, напоменува Кекеновски.

Според него, нема дилеми дека доколку победи на изборите, Силјановска како претседател ќе го почитува договорот со Грција, па дури и не ѝ верува оти навистина ќе преземе мерки да ги анулира штетните последици од договорот, а не, пак, целосно да го отфрли или измени.

Сега прашањето е дали со ваквите изјави ќе изгуби дел од традиционалните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ? Меѓу членството и симпатизерите имаше незадоволство од самото нејзино номинирање за кандидат за претседател, односно од фактот што една толку голема партија не извади свој кадар. Сигурно дека ќе има некаква апстиненција, но, сепак, барем во првиот круг очекувам најголемиот дел од членството да го послуша лидерот Мицкоски и да излезе да гласа. Нему му е исклучително важно да оствари подобар резултат и поголем број гласови отколку на последните локални избори за да докаже оти ја кренал партијата“, заклучува Кекеновски.

Силјановска објаснува дека со комисијата и тимот што планира да ги оформи, нема веднаш да тргне по судови за да го поништи договорот.

Имаме искуство и уште верувам во задолжително меѓународно право бидејќи кога нема задолжително меѓународно право не можат да постојат ниту ОН. Само да ги потсетам моите критичари, и во Преспанскиот договор се вели дека сите спорови врзани за односите меѓу страните во последната инстанција ќе ги решава Судот на правдата во Хаг, истиот суд чија пресуда некој од претставниците и на НАТО и на ЕУ и на Република Грција и на РМ не ги признаваа. Тогаш ние одиме назад, Лигата на народите си замина од историјата на еден чуден начин. Минимум право задолжително треба да постои – тоа е правото на самоопределување, на еднаквост меѓу страните, на немешање во внатрешните работи“, појаснува таа.

Премиерот Зоран Заев прокоментира дека не може да бидете претседател на државата, а да одите спроти ветрот, односно спроти уставот.

Прво зошто? Чуму? Цел свет го потврди договорот, го пофали, го вади како пример. Па номинации за Нобелова награда има, тоа е голема работа. Пресериозни амбиции имаме за пресериозни функции. Претседателот на државата е прв човек на државата и оттука не смееме да си дозволиме да немаме став, а не па да му пркосиме на она што е природно и нормално. Убаво е да се прифати договорот, убаво ќе беше заедно да го направиме, но никогаш не е доцна да се застане зад него, затоа што без него нема НАТО и ЕУ. Ако нема НАТО и ЕУ нема економски стандард, нема квалитет на живеење овде, нема задржување на младите овде“, рече премиерот Зоран Заев во саботното интервју за битолската телевизија Тера.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека секогаш кога требало – ставовите на Силјановска биле јасни и прецизни.

Тогаш кога овие луѓе Македонија ја парчеа, раскрчмуваа, делеа и тргуваа со нејзината територија, и во 2004 и во 2019 година, Гордана Силјановска-Давкова застана на браникот, се бореше со принципите и се бореше за татковината која што е наша заедничка и на Македонците, и на Албанците, и на Србите, и на Турците, и на Ромите, и на Власите, и на Бошњаците и на сите останати. Е, затоа Гордана Силјановска-Давкова ќе победи на 21 април, па 5 мај и потоа заедно на предвремените парламентарни избори“, уверен е Мицкоски.

Горан Адамовски