Сиљановска се залага за „збогум“ на оружјето, но се согласи на пет отсто во Хаг

Претседателката го опиша бугарскиот премиер како „прав џентлмен, многу пристоен политичар, спремен за разговори и за дијалог“


 

-За разлика од многу други ние издвојуваме 2 проценти од БДП, а донесена е и одлуката за зголемување на процентот. Потенцирав дека тоа може да биде само градуелно и дека остануваме посветени на обврската, но мора да се внимава на финансиската моќ на државата, рече Сиљановска-Давкова на прес-конференција во Хаг.

Нагласила, како што рече, дека како земја повеќе би сакале да издвојуваме за наука и за образование, но заради консензусот и решеноста, додаде, кога сте во друштво со кое делите исти принципи и вредности мора да ги почитувате заедничките одлуки.

-На самитот потенцирав дека верувам во збогум оружје и во насушната потреба од траен мир и во мојот говор посочив дека на 26 јуни се одбележуваат 80 години од ОН. На овој датум е и изјавата на Џон Кенеди дадена во Берлин дека се чувствува како берлинец, но предупредив и дека на 26 јуни почна војната во поранешна Југославија во 90-тите години и дека тоа е едно предупредување за важноста на Западен Балкан како интегриран во ЕУ. Повикав на деблокирање на пристапниот процес и предупредив дека не се работи само за начелото на проширување и на политиката на проширување како важна со која ќе се круниса фактот дека низ историјата сме биле не само географски, историски и културно дел од Европа, туку дека е во прашање безбедноста на регионот, а со тоа и безбедноста на ЕУ и на Европа, посочи Сиљановска-Давкова и додаде дека мисли оти пораките биле примени.

Рече дека денеска во Хаг остварила средби со колегите од Естонија, Финска и Чешка и оти е потврдено дека словачкиот претседател набрзо ќе престојува во официјална посета во Скопје. Имала и разговори со други државници, а и кратка средба со претседателот на САД, Доналд Трамп.

-Разговорите што ги водевме беа плодни, пријателски и со разбирање. Разговаравме за деблокирањето на нашите преговори со ЕУ. По тоа што се случи мислам дека не треба да се однесуваме триумфалистички и дека треба да ги мериме зборовите и да се охрабруваме меѓусебе. Имав и протоколарна средба со премиерот на Бугарија за кого мислам дека е прав џентлмен, многу пристоен политичар, спремен за разговори и за дијалот. Токму тоа е она што нам ни треба, потенцира Сиљановска-Давкова.

Мојата основна порака, посочи, е дека можеби наместо да бараме и да очекуваме посредништво, треба сами да седнеме и да видиме каде сме, каде одиме.

-Прашањата за модерен јазик, модерна нација е крајно проблематично и тоа не само научно, туку и политички. Сите нации настанале во втората половина на 18. и во 19. век, вклучувајќи ја и нашата нација. Малку е невообичаено сега да барате да се избрише тоа што е внесено во Извештајот за напредокот на земјава од Томас Вајц ако се инсистирале на реактуелизирање на нешто што е ад акта – на разговори за нација, јазик, историја. Тоа се прашања кои како вредности и принципи воопшто не треба да бидат на агендата, но ако некој инсистира на нивно ставање на агендата, а тоа се случи, тогаш сигурно дека и оној кој известува ќе се обиде да каже дека не се работи за специфична нација, јазик и историја, туку за нешто што важи за сите европски нации бидејќи ЕУ е сојуз на држави нации. Сите имаат ист статус што значи и ние би требало да го уживаме истиот статус, порача македонската претседателка.

За резултатите од самитот изјава даде и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

-Донесовме одлука за зголемување на инвестициите во одбраната кои ќе значат нова, модерна и софистицирана опрема за Армијата, професионални и стручни војници. Македонија е посветена на оваа одлука. Средствата ќе се зголемуваат постепено, а за нас е исклучително важно одбранбениот буџет да значи исполнување на НАТО целите за способности, објави Мисајловски.

-НАТО е најмоќната Алијанса во историјата, а зголемените инвестиции ќе овозможат тоа да остане така и во иднина, соопшти Мисајловски.