Силјановска побара од Џафери да не коментира


Фото: Б. Грданоски

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова го учеше денес спикерот Талат Џафери кога може, а кога не да зборува во парламентот. Според неа, тој треба да молчи, а не да коментира по обраќањата на пратениците.

Таа исто така инсистираше дека на Собранието не му се потребни пет потпретседатели и дека очекувала, наспроти досегашната пракса да има по тројца, сега да биле избрани само двајца, заради штедење.

„Во време на Ковид криза, во време кога сите ги рационализираат статусите, обврските, ние остануваме на пет потпретседатели. Очекував да ги намалите на двајца. Зошто тврдам дека во компаративното парламентарното право според бројот на пратениците ние имаме најголем број на потпретседатели“, нагласи Силјановска Давкова. Според неа, сето ова е непотребно и станува збор за битка на статус за жал.

„Ако може  швајцарскиот Совет да има двајца потпретседатели, прв и втор, не ми е јасно чуму ни се нам пет“, запраша Силјановска Давкова.

Од СДСМ реплицираа дека тоа што се ставени на дневен ред пет потпретседатели не значи дека ќе се изберат и дека вака им се остава можност на ВМРО-ДПМНЕ да предложат и тие, а ако сметаат дека е ирационално – да немаат свој кандидат.

За претходниот собраниски состав исто така имаше одлука за пет потпретседатели, но само четворица ја вршеа оваа функција -Горан Мисовски, Фросина Ременски, Зекир Рамчиловиќ и Весел Мемети. Ниту еден од нив освен Мисовски не го замени Џафери на пленарните седници.

Потпретседателите добиваат од 75 до 80 илјади денари месечно, односно 15 до 20 илјади денари повеќе од пратениците. Освен тоа, треба да им се обезбедат кабинети и службеници, што значи дополнителни трошоци од буџетот на Собранието. Од 2006 до 2016 година, Собранието имаше по три потпретседатели, а претходно, тој број се движеше меѓу четири и пет.