Сиљановска по средбата со Левица очекува нивна поддршка


Претседателскиот кандидат, Гордана Сиљановска-Давкова по денешната средба со Левица изјави дека е оптимист и дека очекува да ја добие нивната поддршка на изборите.

– Во Левица јас сум опкружена со бивши студенти кои не се забораваат, јас сум им била професорка, меѓу нас не може да има преправање, многу се познаваме и тоа е инвестиција што вредела да се направи. Разговаравме за проблеми со кои се соочува оваа држава, за можните решенија, за приоритетите, за тоа што не врзува а што не раздвојува, и кога разговарате со аргументи со луѓе со кредибилитет, луѓе кои никогаш не се забораваат, се помнат иако поминале многу генерации, тогаш мислам дека може да се договорите околу клучните прашања и јас очекувам да се договориме. Сепак ја почитувам нивната процедура тие имаат органи ќе разговараат, но јас сум голем оптимист, рече Сиљановска.

Посочи дека со Левица ја спојува посветеноста кон владеење на правото и моралните вредности, и како што рече, потребен е радикален пресврт и поинаква политика на политичките лидери кои се спремни да го вложат свое знаење.

– Мислам дека веќе е јасно дека доаѓа крајот на политичките глумци на балканот а особено на Западен Балкан, на импровизиторите, на оние кои глумат демократија и демократски реформи, тоа е веќе прочитано и јасно. Очигледно е дека оние кои ја креирале длабока криза на демократија, не можат да бидат реформатори. Ни требаат луѓе спремни на жртви, докажани во свои струки во рамки на држави на ЕУ, луѓе без фрустрации и почитувани луѓе. Ние мора да ставиме крај на партиското гласање. Партизирана ни е администрацијата и сите функции, но и гласањето е киндипирано од партиите. Јас цврсто верувам дека ако генерации се бореле па и гинеле за гласачко право, крајно време е сите граѓани да се изборат за свое право и да гласаат по сопствено убеудвање, а не со полнење кутии или семејно гласање. Сум имала многу генррации на студенти и знам дека оние кои сум ги учела, добро знаат за кого ќе гласаат кога се сами а не кога некој им диктира, рече Сиљановска.

Димитар Апасиев, член на Президиумот на Левица, рече дека со професорката биле на иста политичка линија од времето на професорски пленум и кампањата за анти-преспански договор каде што и двајцата правно дебатирале.

– Имавме конструктивна средба, цениме дека ние како партија заземавме анти-бојкот позиција бидејќи цениме дека бојкот во овие избори е бесполезен, за разлика од бојкотот на референдумот што имаше своја суштина. Во оваа ситуација, во вториот круг кога одат двајца кандидати бојкотот е нереална состојба. Беше побарана средба, ние удоволивме на таа средба и можам да кажам дека имавме конструктивна средба, додаде Апасиев.

Како што посочи тој, на средбата било отворено прашањето за преспанскиот договор и правните механизми кои евентуално би се појавиле во иднина, бидејќи институцијата претседател е клучна во меѓународни односи.

– Ние се уште немаме дефинитивен став за поддршка на професорката зашто не можеме бланко да дадеме поддршка. Во нашата партија имаме органи и се надевам до предизборен молк ќе го имаме нашиот дефинитивен став дали отворено ќе ја поддржиме професорката или ќе останеме на нашата анти бојкот позиција, рече Апасиев.