Сиљановска нема став за „францускиот предлог плус“
Важно е како ќе се однесуваме кон преговарачката рамка, а не дали може да се смени, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за МИА направено во Њујорк, каде што учествува на на Генералното собрание на ОН.
На прашањето кој е нејзиниот став во врска со „францускиот предлог плус“ што го заговара владата и дали може да дојде до негова реализација, таа вели дека „не би можела точно да одговорам“. И додава:
„Она што го истакнувам јас е: не е директен одговор на прашањето дали ќе ја смените преговарачката рамка и дали сте свесни дека не може да се смени преговарачката рамка, мојот коментар е дека е важно како ќе се однесуваме кон преговарачката рамка, бидејќи низ интерпретацијата ако ние се договориме пријателски дека ќе ги почитуваме Копеханхашките критериуми, и ако велиме Pacta sunt servanda, а мислиме на Преспанскиот договор каде што јасно си пишува што значи Македонија за втората страна – територија, значи народ со сопствена историја и јазик а за што разговараме ние во тие историски комисии за ова што е дел од пактот на кои што се повикуваат Преспански договор“.
Македонија, според неа, со забелешките дека историјата, културата, јазикот не можат да бидат предмет на разговор „ја потсетуваме ЕУ на темелните вредности и принципи на уставното право на ЕУ.Сето ова што го зборувам јас, културен идентитет, национален идентитет, договори засновани на реципроцитет, немешање во внатрешни работи, почитување на дигнитетот и интегритетот е дел од европското уставно право. Тогаш можеме на друг начин да пристапиме кон договорот“.
Таа вели дека во Обединетите нации постоеле цинизам и хипокризија за тоа кој колку може да зборува.
„Јас го разбирам редоследот на говорите, традиционално почнува со Бразил, продолжува со САД и со Турција. Сите тројца претставници зборуваа за реформи во ОН, за инклузивност во процесот, но сите ние зборуваме 15 минути, а тие зборуваат колку сакаат. Значи ете ја хипокризијата и цинизмот на рамноправноста во ОН“ и во истата реченица продолжува: „… не само војната, која што постои денеска најизразено со библиски сцени меѓу Русија и Украина, или она што се случува во Газа, туку ние сме во војна и со природата, а војната со природата значи однапред да потпишете дека сте спремни на самоубиство“.