Сиљановска на средби во Хаг, се поздрави и со Трамп


На маргините на Самитот на НАТО во Хаг, претседателјката Гордана Сиљановска Давкова остварила билатерални средби со чешкиот претседател и премиерите на Естонија и Белгија.
 
Со претседателот на Чешка, Петр Павел, ја потврдивме заедничката заложба за европската иднина на државава. Му изразив благодарност за доследната чешка поддршка и укажав на потребата од заштита на македонскиот идентитет и исклучување на историските прашања од преговарачката рамка.
 
За продлабочување на партнерството разговаравме со премиерот на Естонија, Кристен Михал. Посебно ја ценам принципиелната естонска позиција за процесот на проширувањето на ЕУ, прашање со стратешка и геополитичка тежина.
 
 Евроинтеграциите беа во фокусот на разговорот и со премиерот на Белгија, Барт де Вевер. Се согласувам со неговиот став дека е потребен појасен и поискрен однос на земјите членки на ЕУ, дека интеграциите мора да се одвиваат според напредокот и спроведените реформи на државата аспирант за членство.Заедно со нашите партнери, ќе продолжиме да работиме на нашата европска перспектива, напиша претседателката на Фејсбук.
 
Таа, заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, имаше кратка средба и  со претседателот на САД, Доналд Трамп.
 
„Кратка средба со американскиот претседател Доналд Трамп, симболичен гест на почит и партнерство. Остануваме посветени на сојузништвото со САД како наш клучен стратешки партнер во рамките на НАТО и пошироко“, објави шефицата на државата.

По самитот Сиљановска соопшти која била пораката што ја пратила во обраќањето пред лидерите. Таа оценила дека НАТО се соочува со бројни закани и за да се зачува мирот и безбедноста, потребна е колективна одбрана.Осврнувајќи се на конвенционалните и хибридните предизвици и закани, Сиљановска-Давкова истакнала дека земјава е посветена на својот фер дел од товарот, што значи дека се согласува да одвојува 5 отсто од БДП за одбрана.

Потсетувајќи на симболиката на 26 јуни – денот на потпишувањето на Повелбата на ОН во 1945, на американската солидарност со Европа за време на Студената војна и епизодата од распадот на Југославија во 1990 година, претседателката посочи на неопходноста од единство околу деблокирање на македонскиот евроинтегративниот процес. Истакнувајќи дека речиси сите членки на ЕУ се и членки на НАТО, таа повика дека тие можат да го деблокираат процесот на проширување и да го завршат обединувањето на Европа, бидејќи европската и евроатлантската интеграција на Западен Балкан не е само политичко прашање, туку и геополитички и безбедносен императив.