Силјановска: Ќе одржиме пролетна лекција по демократија

Пролетна лекција по демократија за власта на претседателските избори на 21 април и на 5 мај, најави кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Силјановска Давкова вечерва на митинг во општина Гази Баба.

-Претседателка не се станува без граѓаните и на таа функција ќе бидам за нивните потреби. Нема поубаво време од пролетта за реформи, нема поубаво време за победа од април и мај. Како што цвета природата, така ние ќе ја расцевтаме демократијата која сега не ја препознаваме никаде, рече Силјановска.

Порачувајќи дека ја очекува поддршката од граѓаните кај кои како што рече, немало да влијаат со уцени, закани и подметнувања потенцираше дека „народот знае кога, каде и за кого ќе  си го даде гласот, на 21 април и на 5 мај, а потоа и на предвремени парламентрани избори“.

– Победата на 21 и на 5 мај ќе значи целосно делегитимирање на оваа веќе нелегитимна по којзнае кој пат власт. Тоа ќе значи потсетување на господинот кој брзо зборува, уште побрзо заборава, а најбрзо негира, дека му даваме последна шанса да биде запаметен барем по едно ветување – она за предвремени парламентарни избори, рече Силјановска.

Во пролетна лекција по демократија, како што наведе, нема да трчаме по многу моќ, бидејќи премногу моќ значи опасност да ја злоупотребите. – Не, ние секогаш ќе бидеме за споделена моќ, нема да се однесуваме како тие кон нас, ќе им одржиме лекција по демократрија според која за најважните националните прашања мора да се праша и другиот. Без дијалог не може да има добри одлуки, посочи Силјановска.

Како претседателка, дополни, не само што ќе живеам со вашите интереси туку и на седниците на Парламентот ќе ги посочувам и ќе барам од пратениците и министрите решенија за нив.

Решение сме, потенцираше, да градиме единство, а не делби, затоа што одамна немало поподелено општество од Македонија по сите линии.

– Во нашата држава најумните, највлификуваните ќе бидат на највисоките позиции, така ќе ги вратиме оние што заминаа. Една држава може да биде мирна и среќна ако распределбата на општетсвеното богатство е рамномерна, ако луѓето можат да си го сочуваат дигнитетот и интегритетот, наведе Силјановска.

Ги критикуваше и состојбите во здравството, обвини дека се заборавени лицата со посебни потреби, Ромите како најранлива категорија граѓани, лицата  со посебни болести, со проблеми со слухот, видот… Нема хендикепирани лица во државата, смета таа, хендикепирана е државата што не препознава дека овие лица само на поинаков начин можат да ги изразат своите способности.

Силјановска вети и  држава на одговорни политичари, комисија која ќе ги промени уставните одредби што создавале големи проблеми во македонската демократуја. – Ни треба функционална држава, промени што ќе направат од Македонија стандардна европска држава, заснована на европски принципи и практики, нагласи Силјановска.

Во надворешната политика, смета таа, мора да се изгради добра дипломатија. Ако се изгради стратегија да се лоцираат дипломатските претставништва онаму каде  имаме најголем економски интерс сигурно дека плодовите на дипломатијата ќе ги почувствуават граѓаните. Моите дипломати ќе бидат луѓе од кариера, кои знаат, со биографии и кои нема да ја срамат Македонија надвор, рече Силјановска.

Во Уставниот суд, како што наведе, сака да види луѓе заколнати во правдата и подготвени да водат битка за неа правдата, а не да молчат.