Силјановска: Ќе го почитувам, но нема да го употребувам уставното име. Пендаровски: Може, но по дома! (ВИДЕО)
Кандидатите за претседател Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова вечерва имаа уште еден дуел кој помина со неколку искричења и со видливи гафови на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, која за некои теми читаше полуфакти напишани од партијата.
Обидувајќи се да го обвини Пендаровски дека се дружи со наркомафија, таа се најде во ќор-сокак кога актуелниот претседател извади фотографија на која истиот наркодилер што го спомена се дружи со лидерот на нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ.
Силјановска-Давкова самоиницијативно ретерираше и од претходните изјави околу употребата на уставното име Северна Македонија нагласувајќи дека „ќе го почитува“, но лично „нема да го употребува“, појаснувајќи дека тоа не значи дека на конференции ќе трга натписи со уставното име или ќе прави слични гестови. На тоа Пендаровски и реплицираше дека приватно може како сака да ја нарекува државата, но како претседател мора да го почитува Уставот во кој е впишано новото име Северна Македонија.
Силјановска се најде во шах-мат позиција и која се обиде да ја обвини актуелната власт дека набавува руски енергенси од „Лукоил – Македонија“ иако има санкции, на што Пендаровски ѝ посочи дека во оваа компанија нема веќе воопшто руски капитал ниту сопственици и дека е сто отсто македонска, а патем не е под санкции.
Генерално целата дебата, освен овие искричења, беше во рамките на тоа што се го слушнале досега.
Во дебатата Силјановска ја повтори намерата како иден шеф на државата да го искористи механизмот на помилување на осудените за настаните во Собранието на 27 април 2017 година, нешто на што се спротивстави Пендаровски со оценка дека амнестија за такви дела не треба да има. Силјановска-Давкова аргументираше дека самата квалификацијата на кривичното дело е катастрофална.
„Оние што применија насилство се на слобода. Има таму луѓе кои не сакаа амнестија, сакаа да докажат правда, има луѓе кои водат постапки пред судот во Стразбур. Секој е различен. Јас имам право да помилувам и врз основа на анализата – не само на правото и на правдата, ќе посегнам по тој механизам“, истакна Силјановска-Давкова.
Пендаровски забележа дека има модификација од претходната најава дека ќе ги амнестира сите инволвирани.
„Разбирам ако некој не е виновен или треба да добие помала казна, па да му ублажите. Ама вие велите дека сите за 27 април ќе ги амнестираме. Како може да амнестирате за таков чин?! Прво извинување, а потоа широка општествена дебата за евентуална амнестија“, порача Пендаровски.
Запрашани дали влегувањето во парламентот на 27 април бил насилен чин, Пендаровски одговори дека тоа било насилство организирано од партијата која тогаш била на власт и преставувало обид за насилно уривање на уставниот поредок.
„Ако не дозволувате мирен трансфер на власта, тоа не може да биде демократски чин“, оцени Пендаровски.
Силјановска-Давкова, пак, смета дека имало насилство и луѓето требало да бидат судени за тоа, но, како што наведе, далеку од умот и од правото е дека имало терористичко рушење на уставниот поредок. Според неа, тоа кривично дело било намерно одбрано заради изрекување на најстроги казни.
Претседателските кандидати останаа на своите различни ставови и околу прашањето за уставните измени. Силјановска-Давкова ги критикуваше Пендаровски и Владата дека ветиле нешто што не било во нивна надлежност за исполнување, бидејќи тоа е работа на Собранието.
„Како можете да ветите нешто што не е во ваша надлежност. Понатаму, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот, од Европската комисија и на сите останати дека со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ. Северна нема, ќе употребувам само Македонија и никогаш нема да создадам конфузија бидејќи нема да треба да правам дистинкција со Република Јужна Македонија. Таква нема“, рече Силјановска, порачувајќи дека тоа прашање за неа никогаш нема да биде затворено.
Пендаровски , пак, предупреди дека тоа ќе доведе до исфрлање на Македонија од НАТО.
„Вие кога сте претседател имате право на личен став, да кажувате ‘вечна Македонија’, ‘Македонија засекогаш’, каква сакате Македонија, кога ќе бидете во приватно својство, во семејството. Но, невозможно е да бидете на говорница на ОН, да бидете во НАТО, бидејќи сме членка таму, а одите во ЕУ, бидејќи сме кандидат кој преговара, да бидете во Советот на Европа, било каде, тоа не го можете бидејќи нема да ви дозволат. Грција ќе прати прво нота, а тоа значи блокада и исфрлање од НАТО како организација, каде што едвај влеговме и која ни е многу значајна“, рече Пендаровски.
Во делот од дуелот што се однесуваше на Договорот со Бугарија, Силјановска објасни како ќе бара ново решение за Преговарачката рамка со ЕУ.
„Ќе го потсетам прво претседателот на Бугарија на Договорот за пријателство и добрососедство, ќе го потсетам на преамбулата. Ќе го потсетам дека никој договор не е вечен, може да се смени. Но, исто така, ќе го потсетам и на фактот дека Договорот за пријтелство и добрососедство е внесен во преговарачката рамка. Во Договорот за добрососедство и пријателство нема ниту еден збор за уставните измени. Предлогот за уставните измени не е дојден од Бугарија, туку е резлутат на тие тези за ‘шифтинг’ и слично, на луѓе кои се залутани во дипломатијата. Со што ќе му го аргументирам мојот став? Прво, ретко која држава има таква заштита, уставна, на малцинствата како нашата. Бугарите и сега се заштитени бидејќи влегуваат под категоријата други, исто како што се Босанците, Хрватите во словенечниот устав, таму само италијанската и унгарската заедница се спомни. И во многу други устави го има тоа решение. Суштината е да ги заштитите правата на малцинствата, кај нас се заштитени. Во Бугарија нема никаква заштита, а Бугарија е потписник и на Конвенцијата за правата на малцинствата и на Конвецнијата за заштита на регионалните јазици, но не ја ратификувала. Значи, контрадикција меѓу Договорот за пријателство кој е дел од преговарачката рамка, а потоа и меѓу оние комисии кои сега може на некаков начин да ја дополнуваат и да отвораат нови шанси за вето“, рече Силјановска- Давкова, запрашувајќи: Какви се тие преговори во кои постои монолог, дури и кога е ЕУ е во прашање?
Таа беше убедена дека сме можеле да предложиме решенија со признавање на пресудите од Стразбург, со одложно дејство, со Копенханшките критериуми како услов за вето, па и да сме го покренале членот 7 од Договорот за ЕУ, којшто вели дека некоја од членките може да покрене постапка за кршење на темелните вредности.
Со нејзините тези Пендаровски не најде за потребно ни да спори.
„Треба да се види од каде тргнавме во однос на мноштвото бугарски барања – од јазик и
идентитет, окупација и администрација, до барањето за да се стави малата бугарска заедница во
Уставот“, рече тој и додаде дека за тоа имаше консензус во ЕУ, но немаше за другите, кои беа одбиени од наша страна, но и од земјите-членки на ЕУ.
„Европската преговарачка рамка ни овозможи да ги почнеме преговорите, сите рекоа почнете. Јас не велам, како што вели госпоѓата, ја прифаќаме рамката, ама не и промена на Уставот. Едно без друго не оди“, рече Пендаровски.
Претседателот додаде дека Советот на ЕУ во своите заклучоци истакна дека промената на устав е последниот политички предуслов пред продолжување на преговорите, па потоа според
преговарачката рамка ќе се оди кластер по кластер.
Пендаровски во дуелот потоа се осврна на неговиот концепт за напредок на државата, за кој, како што рече е победнички. Притоа нагласи дека се исполнети трите столба од неговата предизборна програма од 2019 година.
„Клучните столбови на мојата програма во 2019 година беа влез во НАТО, отворање на преговори со ЕУ и стабилни меѓуетнички односи – тријаголникот на успехот и стабилноста, просперитетот на државата, тоа сум тврдел и ќе тврдам. Ако ова не е остварено кажете ми – членка на НАТО, почнати преговори и меѓуетнички односи кои не се идеални, меѓутоа се далеку од она што беше во времето на режимот“, рече Пендаровски.
И програмата за работа во вториот мандат, продолжи Пендаровски е заснована на реални основи, а не на фикции.
„Јас не тврдам дека оние кои го потпишале Преспанскиот договор треба да завршат во затвор и дека треба да бидат кривично одговорни. Јас тврдам дека тоа е добар договор кој ги штити македонските национални интереси. Госпоѓата тврди спротивно. Таа денес вели добро е што влеговме во НАТО, имаме гарантор на безбедноста, ама пред три-четири години во интервјуа велеше дека треба кривично да бидат гонети тие луѓе. Јас не велам дека Европската преговарачка рамка е во ред, ама имаме проблем со другите аспекти. Европската преговарачка рамка е договорена од Европа, од 27 држави и ние или ја прифаќаме, или ја одбиваме“, додаде Пендаровски.
Во однос на партиската и граѓанската поддршка, тој посочи дека Силјановска ги отфрли тие 20 и нешто илјади потписи од граѓаните и се кандидираше со поддршка од партијата поради што е сосема логично партискиот лидер кој ја предложи за кандидатурата, да договара поддршка со другите партиски лидери за неа во вториот круг.
„Јас не им велам на граѓаните гласајте за мене, туку искористете го вашето политичко право, едно од најважните, и гласајте по сопствено политичко уверување. Не можете да им оневозможите на коалициите и на лидерите на партиите меѓу себе да разговараат. Не очекувајте јавно да му се спротивставам на господинот Мицкоски, тој е лидер на политичка партија. Логично е опозицијата да се обединува кога има противник каква што е оваа власт. Веројатно и совпаѓањето на изборите оневозможува да се постави една цврста линија помеѓу она што кој и како гласа за претседател и кој, како гласа за пратеници. Значи, јас не ги повикувам партиите, јас ги повикувам граѓаните. Нема тука разлика меѓу мене и останатите. Меѓутоа ако ги слушаме и лидерите на партиите, гледаме не само што повикуваат туку и поставуваат услови. И не само за составувањето на владата и за настапот на парламентарните избори, туку и за самите кандидати.
Само да потсетам, ние двајцата и на минатите избори излеговме заедно, тогаш имавме поддршка и од пратеници, ама и од граѓаните. Јас добив повеќе потписи од граѓаните ама Изборниот законик е јасен дека можете да поднесете само една листа. И мојата дилема е како тогаш, ако можете да поднесете една листа, како ќе аплицирате и со потписите на граѓаните и со поддршката на пратениците? Инаку, логиката е во нешто друго. Ако господинот Пендаровски го поддржале граѓаните, тогаш се треба да оди, од договори со вас до финансирањето, преку оние 10%. А, не 45 плус 45 како што тој и јас настапуваме. Сега ви е јасно кој кого изманипулирал. Само фрлете поглед на билбордите и ќе видите кој е најзастапениот. Јас не сум видела толку варијации на билборди како овојпат. Навистина граѓаните се многу богати изгледа. Јас имам еден билборд, една слика. Инаку сум застапник на тоа во Изборниот законик да се регулира големината на билбордите. Јас кај вас гледам хипокризија и цинизам“, реплицираше Силјановска.
Пендаровски го демантираше таквото тврдење.
„Од штабот кој ми помага разбирам дека позициите и локациите на ВМРО-ДПМНЕ и во Скопје и во цела Македонија се околу 500, а јас имам два пати помалку локации од ВМРО-ДПМНЕ“,рече тој, додавајќи дека уште во првиот круг од противкандидатката Силјановска -Давкова имал два пати помалку билборди во Скопје, а во некои градови било и 3 спрема 1.
Околу Судскиот совет и Советот на јавни обвинители Пендаровски оцени дека и двете институции изминатиот период не биле на ниво на задачата, но решението не го гледа во нивно укинување како институции, туку во подобрување на кадарот кој влегува во нив преку ветинг.
„Претседателот за ветинг зборуваше и во 2016, и во 2020 и во 2024“, му одговори Силјановска Давкова. Според неа, моменталната ситуација во судството е резултат на тоа што ветингот останал само како реторика, и не се спроведувал кога можело да биде спроведен.
Околу жешката тема деновиве во албанскиот блок, најавата за повторно отвиорање на Хашките случаи, Пендаровски ја потсети противкандидатката од ВМРО-ДПМНЕ дека токму нејзината партија ги затвори со законот за автентично толкување.
„Амнестијата на хашките случаи или таканареченото автентично толкување се случи во време кога партијата која ја поддржува госпоѓата беше на власт. Хаг ни ги врати тие случаи и потоа ВМРО-ДПМНЕ заедно со својот коалициски партнер донесе автентично толкување“, рече Пендаровски.