Сиљановска го посети Генералштабот и Министерството за одбрана


 

Претседателката на државата и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска ја оствари својата прва официјална посета на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, при што оствари средби со министерот за одбрана Владо Мисајловски, со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, како и со генералите во Армијата и раководни лица во Министерството.

По пречекот со воени почести, началникот на Генералштабот и министерот за одбрана, во присуство на генералите во Армијата и високи раководни лица во Министерството за одбрана и Генералштабот презентирале за актуелната состојба, процесите на трансформација и модернизација и опремување, обуката и активностите кои се од значење за извршување на мисијата на Армијата, како и учеството во операциите со кои придонесуваме во колективната безбедност.

Од МО соопштија дека претседателката Сиљановска-Давкова истакнала дека во Армијата како институција со најголема доверба во државата и докажан сојузник во Алијансата е неопходно понатамошно вложување за подобрување на условите за живот и работа во сите сместувачки капацитети, како и во армискиот полигон „Криволак“.

Таа изразила очекување Армијата, како и досега, да продолжи со истата посветеност да ја исполнува својата уставна должност да го штити територијалниот интегритет и независност, а армиските припадници да продолжат да бидат пример за професионализам, дисциплина и посветеност, како што доликува на земја членка на НАТО.

„На тет-а-тет средбата меѓу министерот Мисајловски и претседателката Сиљановска-Давкова, беше потврдена посветеноста за унапредување на безбедноста, мирот и стабилноста во земјава, регионот, Европа и пошироко. Беше констатирана заложбата дека Македонија потребно е да има брз економски напредок, сигурна и стабилна иднина“, се наведува во соопштението од Генералштабот на Армијата.

Се разговарало и за идните вложувања во одбранбениот сектор и модернизација, јакнење на меѓународната одбранбена соработка со сојузниците и партнерите, како и унапредување на стандардите и условите за работа на припадниците на Армијата.

Во контекст на колективната безбедност, се додава во соопштението, Мисајловски истакнал дека активно ќе партиципираме во операциите за заштита на регионот и источното крило на Алијансата.