Силјановска-Давкова порача: Лошата политика треба да се санкционира


Кандидатот за претседател поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, попладнево од Свети Николе порача дека без владеење на право и правда, без битка со криминал и корупција, битка со непотизам, подобрен здравствен систем и квалитетно образование тешко ќе добиеме датум за преговори за ЕУ.

– Лошата политика не може да го згази правото. Лошата политика треба да се санкционира. Власта нон-стоп зборува за политика, а ние нон-стоп ги предупредуваме на правото, ама правото е пред политиката. Оти ако политиката не е ограничена со правото, ако не е под правото, ако не е врамена во правото, ќе доведе до дискрециски овластувања. Ќе доведе до постапувања што не водат сметка за човековите слободи и права, рече Силјановска Давкова.

Истакна и дека изминатите две и пол години народот се изнагледал „незауздана политика“, а последиците се видливи и познати.

-Дојде времето да си помогнеме едни на други, а тоа е на 21 април. Мислам дека е важно она што им го негиравме за време на референдумот, не давајќи им никаков легитимитет, сега да го потврдиме изборно. Бидејќи изборите даваат и изборите одземаат легитимитет. Изборите велат мојот суверенитет нема да ви го пренесам бидејќи не го заслуживте, го негиравте. Оти ние рековме „не“, а тие сами си рекоа „да“. И не само „да“, туку едно чудо закони прекршија. Го прекршија Уставот и сега глумат дека се Европјани, нагласи Силјановска пред граѓаните на Свети Николе.

Силјановска вечерва ќе одржи митинг во Велес.