Силјановска-Давкова ќе се залага за повеќе зеленило со „Скопска шума“


Носителката на изборна единица 1 на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ Гордана Силјановска–Давкова денеска на средби со граѓани во Скопје во Градскиот парк истакна дека програмата „Обнова на Македонија“ предвидува мерки за поголемо зеленило во урбаните места за живеење и намалување на аерозагадувањето.

„Во обновата оние кои ја читале забележале еден проект кој таму е наречен ‘Урбана шума’, јас го нарекувам ‘Скопска шума’ или вардарска шума во кој се планира крај брегот на Вардар да никнат насади заради прочитување на воздухот“, рече Силјановска–Давкова.

Таа посочи дека Македонија има огромен потенцијал како во делот на културниот туризам и производство на здрава храна така и во спроведување на ветените проекти за 30 отсто зеленило во секоја општина за што се обврзува ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ со своите проекти.

„Се разбира, во програмата има и дел за зелени хотели. Можеби велам ако се научиме да живееме во хармонија со природата, да живееме во хармонија со духовното што сме го наследиле и да го негуваме. Ќе направиме од Македонија пристојно место за живеење“, рече Силјановска–Давкова.