Силјановска-Давкова: Името ќе го почитувам, но нема да го користам


Кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Гордана Силјановска-Давкова денеска, на вториот круг од претседателските избори гласаше во Основното училиште „Коле Неделковски“.

Силјановска изјави дека очекува поголема излезност и победа.

–  Мислам дека таргетот на кој се концентрирав, односно групите граѓани за кои мислев дека треба да се инспирираат или да им се разјаснат дилемите дали да излезат или не дека успешно го завршив и денов почна како со зима, тоа е политичката зима во Македонија, мислам дека ќе заврши со сонце на крај, рече Силјановска.

На новинарско прашање таа одговори дека ги очекува албанските гласови оти како што рече, претходно имам зборувано со нив и сфатив дека имаме многу заеднички интереси.

– Новото име сега се користи во нашите институции и јас официјално ќе го почитувам, но нема да го користам и ќе дадам се од себе во иднина да покажам дека процедурите и Договорот од Преспа имаат неколку проблеми со нашите и меѓународните закони. Како правник и како професор по право ќе го користам новото име, но лично не, изјави Силјановска.

Додаде дека кога ќе зборува за нашата земја, лично, ќе го користи името Македонија.

– Не значи дека ако во Уставот е нешто напишано така дека јас морам тоа да го употребувам. Јас можам лично да го употребувам името Македонија. Морам да потпишувам документи, морам да го почитувам тоа име на згради, или во меѓународни односи, но не морам да го употребувам и не би го употребувала и за тоа не постои уставна или правна одговорност, изјави Силјановска одговарајќи на новинарско прашање.