Силјановска : Да не дозволиме да се избере претседател на државата во Собранието


Кандидатот за претседател поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова вечерва побара поддршка од струмичани, со цел на претседателските избори, како што кажа, да ги делегитимираат штетните политики на Зоран Заев и на СДСМ.

– Овие избори не само што ќе значат делегитимирање на овие политичари, туку ќе значи делегитимирање на се што презедоа во едно од најтешките и најболните времиња за нас, рече Силјановска Давкова.

Таа нагласи дека не смее да се дозволи да се случи  наместена средба во Собранието на која, како што рече, ќе се смени Уставот и Претседателот на државата ќе се бира од Собранието.

– Погодете кој ќе ни биде претседател. Некој кој ќе личи, по функција ќе биде господинот Џафери. Може и да го крунисаат во Парламентот за републикански монарх, а може тоа му одговара на нашиот премиер, бидејќи тој ги има сите функции кај себе. Не само што е главен во Парламентот и во Владата, туку управува и со судството како претседател на телото за судски реформи и затоа немаме судски реформи, затоа немаме независно судство, рече меѓу другото Силјановска Давкова.

Истакна дека филозофијата на Заев и СДСМ е кажувам, заборавам, негирам, додека нејзината филозофија е кажувам, помнам, правам, спроведувам.

– Родно место на филозофијата и политиката позната како заевизам е ова. Меѓутоа ние овде дојдовме за да рашириме, да отвориме да ве инфицираме со една друга политика, па да речеме дека можеби по победата овде таа политика ќе стане македонска политика. Оваа првава без плодна политика, таа првата политика што не создава јавна вредност, а камоли европска вредност е како триаголник, односно таа гласаше кажувам, заборавам, негирам. Затоа ние не знаеме колку личности има во некои луѓе, затоа што многу зборуваат уште повеќе забораваат ама уште толку негираат. Но, нашата филозофија е, не само мојата туку и на луѓето кои ме поддржаа јас затоа ја препознав, кажуваме помниме, правиме, спроведуваме, рече Силјановска Давкова

Силјановска Давкова потенцираше дека Заев и СДСМ не само што заборавиле што им ветиле на граѓаните, туку ја заборавиле и македонската химна.

– Ја заборавија Струмица и цела Македонија. Химна не се заборава, химна секогаш се пее, зошто таму каде што е химната таму е и државата, таму каде што нема химна нема ни држава. Ама ја нема нивната држава, нашата е со нас и кога ја пееме и кога се радуваме на неа и кога плачеме со неа, нагласи таа.

Во своето полчасовно обраќање пред струмичани таа истакна дека од овој град има две асоцијации за успешни луѓе, а тоа е поранешниот претседателот Борис Трајковски и фудбалерот Горан Пандев.

– И претседателот Трајковски така мислеше секогаш, така мисли и  Пандев. Секогаш во срцето ја носат химната и затоа првиот беше успешен во политиката, иако го нарекуваа граѓанин, а потоа се фалеа со него. Вториот секогаш ја носи во срцето и затоа победува, истакна претседателкиот кандидат, Гордана Силјановска Давкова на собирот во Струмица.

Таа, како и претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги повикаа граѓаните масовно да излезат на гласање и во првиот и во вториот круг на гласање, бидејќи со победа на претседателските избори се отвора патот за распишување на предвремени парламентарни избори.

Во своето обраќање лидерот на најголемата опозициска партија образложи дека имало две причини зошто токму Гордана Силјановска Давкова е кандитат за претседател поддржан од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата.

– Првата е затоа што е најинспиративниот професор на Правниот факултет во Скопје на УКИМ и никогаш, ама баш никогаш не се плаши и не го штеди своето знаење да  го пренесе на студентите, затоа што е достоинствена, честита и искрена, вредна и голем борец, борец кој што гарантира бескомпромисна борба против криминалот, корупцијата и гарантира враќање на владеењето на правото во рамки на сопствените ингеренции, рече Мицкоски.

Додаде дека втората работа за изборот на Силјановска Давкова за кандитат за претседател е затоа што таа била во првите редови на одбраната, во 2004 и во 2018 година, кога, како што рече Мицкоски, некој тргуваше, парчеше и распродаваше нешто што не го спечалил, туку го наследил. Затоа, истакна, Силјановска Давкова застанала во одбрана на државните интереси.

На собирот и беше оддадена последна почит со едноминутно молчење на актерката Билјана Беличанец Алексиќ.