Сиљановска бара да има свет на принципи, а не на моќ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на Меѓународниот Астана форум 2025, што денеска и утре се одржува во главниот град на Република Казахстан на тема „Поврзување на умовите, обликување на иднината“. Таа оцени дека актуелните геополитички и геоекономски потреси, како и повеќекратните кризи, создаваат длабоки тектонски поместувања што ги поткопуваат принципите коишто го обликуваа глобалното управување пред 80 години, соопштија од нејзиниот кабинет.
Укажувајќи дека наместо да се мобилизираат напорите за решавање на итни прашања, како што се мирот и безбедноста, климатските промени, дигиталната трансформација и растечките нееднаквости, како што нагласила, се чини дека правиме чекор назад, кон постар светски поредок, оној на Макијавели, Хобс и Клаузевиц, каде што правилата се заменуваат со моќ.
Таа рече дека Советот за безбедност на ОН треба да се прошири, реформира и демократизира за да стане поотчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедност, Генералното собрание да го заземе своето заслужено место како главно претставничко тело не само за дебати, туку и за креирање политики, а пресудите на Меѓународниот суд на правдата да станат обврзувачки за сите.
„Осумдесет години по основањето, подготвени сме за жена генерален секретар на Обединетите нации – бидејќи, во свет доминиран од силни мажи со оружје, ни требаат силни жени со мудрост“, нагласи Сиљановска-Давкова.
Сесијата, како што соопштија од Кабинетот на претседателката, ја отворил претседателот на Република Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, а меѓу главните говорници биле и претседателот на Руанда, Пол Кагаме, поранешниот генерален секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун.