Силјановска: 24 април доаѓа како предигра


 

На митингот во скопската општина Аеродром претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, зборувајќи дека „нѐ чека тешка битка“ нагласи:

„24 април некако доаѓа како предигра, бидејќи тогаш работите ќе се разјаснат. А се разбира, јас мислам дека на 8 мај ќе биде запечатена една тешка, грда фаза од владеењето и ќе започне една нова реформска фаза. За тоа навистина се потребни умни, чесни и посветени луѓе! Луѓе кои државните и национални интереси ќе ги стават пред кои било други! Луѓе кои како одважни и достоинствени, ќе бараат од големите и средните држави, па и од ЕУ и сите држави внатре, заслужена почит! Луѓе кои ќе бараат и ние да итаме во исполнувањето на Копенхашките критериуми. Да не се занимаваме и да го губиме времето на докажување дека сме тие што сме! Да барате од некого да докаже дека е човек, дека е жена, дека е Македонец е непристојно“.

Таа рече дека во програмата на ВМРО-ДПМНЕ стои дека битката со мафијата мора да биде бескомпромисна, дека таа е многу тешка, но мора да почне оти криминалот и корупцијата се системски. „А, ликови што наликуваат на оние од мафијата се вгнездени на највисоките позиции и тие или со чинење или со нечинење, гледање и помагање се исто така соучесници. Значи, нѐ чека тешка битка“, рече Силјановска-Давкова.