Силиконската долина во страв од рецесија – „Епл“ ги ограничува вработувањата


„Епл“ е уште еден во низата технолошки гиганти кои имаат ограничени планови за вработување и трошење, со образложение дека „Силиконската долина е загрижена за рецесија во наредните месеци“.

Производителот на ајфон (iPhone) се обидува да го ограничи трошењето и растот на работните места во некои од неговите оддели, објави Блумберг.

Повнимателниот став го следи пристапот на неговите технолошки ривали – вклучувајќи ги „Амазон“, „Алфабет“ и „Мајкрософт“ – кои презедоа чекори за забавување на трошењето и вработувањето.

Веста предизвика пад на вредноста на акциите на компанијата и зголемена вознемиреност за кварталните резултати кои треба да бидат објавени оваа недела. Компаниите тешко ќе ги убедат нервозните инвеститори. IBM, додуша, забележа подобар раст на продажбата од очекуваниот, но неговите акции подоцна паднаа.

Бројот на вработени на „Епл“ постојано растеше во текот на изминатата деценија. Засега, повеќето од најголемите технолошки компании не зборуваат за намалување на работните места, туку само за намалување на стапките на вработувања.

И вкупниот раст на работните места во САД не запре. Платните списоци се зголемија за 372.000 во јуни, надминувајќи ја проценката од 265.000, а работните места во производството помогнаа да се зголеми производството на економијата. Во јуни, САД додадоа 25.000 нови работни места само во ИТ секторот.

Сепак, некои технолошки компании одат чекор подалеку и одлучуваат да укинат некои работни места. Тука спаѓа и „Мајкрософт“, кој минатата недела изјави дека елиминира некои позиции како „дел од реорганизацијата“, пренесува Банкар.ме.

Кратењата влијаат на помалку од еден отсто од својата работна сила од 180.000 лица, а „Мајкрософт“ сè уште очекува да ја заврши годината со зголемен број вработени, што значи дека всушност ги зголеми вработувањата од другата страна. Во мај, вработувањето забави во одделенијата одговорни за Windows, Office и Teams, потсетува Блумберг.